Во Мјанмар, бројот на жртви достигна 1.644, а над 3.500 лица се повредени. Обединетите нации предупредуваат на критична хуманитарна состојба, бидејќи во погодените области недостасуваат медицински залихи, што дополнително ги загрозува повредените.
Мјанмарската војска продолжува со бомбардирања
И покрај катастрофата, воената хунта во Мјанмар не ги запира воздушните напади врз региони под контрола на опозициските сили. Во бомбардирањето на Наунгчо во државата Шан загинаа седум цивили, само три часа по земјотресот. Слични напади се регистрирани и во регионот Сагаинг, кој беше епицентар на потресот, како и во близина на границата со Тајланд.
Специјалниот претставник на ОН, Том Ендрјус, го осуди ваквиот пристап на хунтата, велејќи дека е „нечуено да се фрлаат бомби додека спасувачите се обидуваат да извлечат преживеани од урнатините“.
Примирје од опозицијата, но не и од хунтата
Оруженото крило на опозициската Народна одбранбена сила (PDF) најави двонеделна суспензија на нападите во погодените региони. Засега не е познато дали и другите вооружени групи ќе го следат овој пример, но хунтата продолжува со нападите без најави за прекин на борбите.
Хуманитарна криза и барање меѓународна помош
Според Светската програма за храна на ОН, хуманитарната ситуација во Мјанмар станува сè потешка. Првите пратки со основни залихи веќе се испратени кон најпогодените региони, но без прекин на борбите, пристапот останува ограничен.
„Итно ни се потребни храна, вода, санитација и засолништа“, изјави директорот на програмата во Мјанмар, Мајкл Данфорд.
Мјанмарската воена власт првпат од преземањето на власта во 2021 година јавно побара меѓународна помош. Тајланд испрати воен тим во погодените градови, додека Индија поставува мобилна болница во Мандалеј со 60 болнички кревети.
Поразителни сцени во Бангкок
Во Бангкок, бројот на жртви порасна на 17, при што најмногу загинати се наоѓале на градилиште на 30-катна зграда која се урнала за време на потресот. Спасувачите продолжуваат со потрагата по преживеани, а досега потврдени се и 32 повредени лица.