Микропластиката одамна престана да биде исклучиво еколошки проблем. Современите научни истражувања покажуваат дека овие микроскопски честички пластика се присутни и во човечкото тело: во крвните садови, репродуктивните органи, па дури и во мозочното ткиво.
Сега, нови податоци укажуваат дека уште еден секојдневен ритуал може да придонесе за нивниот внес: пиењето жешко кафе од еднократни чаши.
Истражување објавено во научното списание Journal of Hazardous Materials: Plastics покажува дека хартиените и пластичните чаши, кога се изложени на високи температури, можат да ослободуваат значајни количини микропластика во пијалакот што го консумираме.
Температурата како клучен фактор
Истражувањето го предводел научникот Сјанги Лиу од Универзитетот Грифит, кој истакнува дека со зголемувањето на температурата на течноста, се зголемува и количината на ослободени микропластични честички.
По анализа на 30 рецензирани научни студии, истражувачите утврдиле дека бројот на ослободени честички може да варира од неколку стотици до повеќе од осум милиони честички по литар, во зависност од материјалот и дизајнот на амбалажата.
Во рамки на сопствен експеримент, кој опфатил околу 400 чаши и течности со различни температури (од ледени до жешки) се покажало дека почетната температура на пијалакот има далеку поголемо влијание од времето во кое течноста стои во чашата.
Хартиените чаши со внатрешна пластична обвивка испуштале помалку микропластика од целосно пластичните, но ниту една од овие опции не била целосно без ризик. Според пресметките на истражувачите, консумирањето само 300 милилитри жешко кафе од пластична чаша може да резултира со внес од над 360.000 микропластични честички годишно.
Науката сè уште нема јасни одговори
И покрај загрижувачките бројки, научната заедница предупредува дека влијанието на микропластиката врз човечкото здравје сè уште не е целосно разјаснето. Не е познато колку долго овие честички се задржуваат во организмот, ниту какви се нивните долгорочни ефекти.
Дел од експертите укажуваат и на методолошки ограничувања. Според нив, некои од досегашните истражувања можеби се резултат на контаминирани примероци, што отвора сомнежи околу дел од алармантните заклучоци.
„Излегува дека за микропластиката знаеме многу помалку отколку што мислевме“, оценуваат научници, нагласувајќи дека потребни се поригорозни и подолгорочни истражувања.
Како да се намали ризикот?
Додека науката не понуди појасни одговори, истражувачите советуваат претпазливост. За жешки напитоци, најбезбедна опција се повеќекратни чаши од стакло, керамика или нерѓосувачки челик – материјали кои не ослободуваат микропластика при високи температури.
Кога користењето еднократни чаши е неизбежно, хартиените чаши со внатрешна обвивка се нешто подобра опција од целосно пластичните. Дополнително, се препорачува да се избегнува сипување врела течност директно во пластична или пластично обложена амбалажа.
Иако одговорите сè уште недостасуваат, истражувачите порачуваат дека свесноста за секојдневните извори на микропластика е првиот чекор кон поинформирани избори – дури и кога станува збор за нашата утринска чаша кафе.
