Македонската архитектура и модернизмот добија силна меѓународна видливост во Берлин. Во Галеријата BHROX Bauhaus Reuse, лоцирана на Ернст-Ројтер-Плац, беше отворена изложбата „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“, посветена на генерацијата жени архитекти чиј придонес длабоко го одбележал изгледот на современо Скопје.
Изложбата е дело на авторите Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски, и претставува повеќегодишно истражување за улогата на жените во македонската архитектура. На отворањето присуствуваше бројна публика, која имаше можност да види повеќе од 30 оригинални дела од архитекти како: Мимоза Несторова Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска, Прохирија Хаџи Костова Пешиќ, Нада Савеска, Донка Петкова Костиќ и Росанда Мичева.

BHROX Bauhaus Reuse е галерија изградена од оригинални фасадни елементи на историјската Школа Баухаус во Десау и функционира како урбана лабораторија за модернизмот и одржливоста. Изложбата е дел од програмата „Модерна еманципација“, а се одвива во рамки на престижниот архитектонски фестивал TDM2025 – Triennale der Moderne, што се одржува во Берлин, Десау и Вајмар.
Претставувањето на македонската архитектура во Берлин продолжува на 27 ноември во Berlinische Galerie, каде кураторката Катарина Депиш, заедно со архитектите Ивановска Дескова, Десков и Ивановски, ќе одржат музејска тура и разговор на тема: „Другарки и тимски играчи – жените кои ги изградија Источен Берлин и Скопје“. Фокусот е на улогата на жените архитекти и урбанисти во периодот 1945–1989 година и паралелите меѓу двата града.

Македонските автори ќе учествуваат и на меѓународната конференција „Прогресивно наследство“ на 29 ноември, дел од ЕТОМ – Европско триенале на модернизмот и европската иницијатива Нов европски Баухаус (NEB). Таму ќе бидат презентирани модели и практики за разбирање на модернизмот како алатка за општествена кохезија и културна соработка.
Истражувањето „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ е поддржано од Амбасадата на Швајцарија, а изложбата во Берлин е реализирана со поддршка на Министерството за култура и туризам, Рединґ ОГ, УАКС, Архитектонскиот факултет при УКИМ и Континео 2020. Изложбата ќе биде отворена до 14 декември 2025.
