Македонија над просекот на ЕУ по бројот на жени во парламентот

Жените држат 33,6% од местата во парламентите на ЕУ, додека во Македонија нивното учество достигнува 37,5%, покажуваат податоците на Евростат.
Foto: MIA

Во 2025 година жените учествувале со 33,6 проценти во националните парламенти низ Европската Унија, што претставува зголемување од 5,4 процентни поени во однос на 2015 година, покажуваат најновите податоци на Евростат.

Во Македонија учеството на жени изнесува 37,5 проценти, што е за 3,4 процентни поени повеќе во споредба со 2015 година.

Најголем удел на жени во парламентите имаат Финска со 46 проценти, Шведска со 44,8 проценти и Данска со 44,7 проценти.

Од друга страна, најмал број жени пратеници имаат Кипар со 14,3 проценти, Унгарија со 15,6 проценти и Романија со 22 проценти.

Во споредба со 2015 година, речиси сите земји од Европската Унија забележале пораст на бројот на жени во парламентите, со исклучок на Германија каде што учеството е намалено за 3,5 процентни поени.

Најголем раст на застапеноста на жени е забележан во Летонија со зголемување од 19 процентни поени, Малта со 14,8 процентни поени, Франција со 10,9 и Чешка со 10,6 процентни поени.

Жените во 2025 година држат и 31,9 проценти од местата во националните влади во ЕУ, што е зголемување од 4,2 процентни поени во споредба со 2015 година.

Во македонската влада, пак, учеството на жени изнесува 12,5 проценти, што е зголемување од 2,5 процентни поени во однос на 2015 година.

Највисока застапеност на жени во владите има Финска со 60 проценти, додека паритет е постигнат во Шведска каде половина од министрите се жени. Во Франција жените сочинуваат 48,6 проценти од владата.

Најниско учество на жени министри има во Унгарија, каде во владата нема ниту една жена, додека во Романија жените учествуваат со 10,5 проценти, а во Чешка со 11,8 проценти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни