Главниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, чиј мандат истекува кон крајот на 2026 година, повторно јавно ја поддржа иницијативата на чело на ОН за првпат да застане жена.
„Мислам дека е крајно време на чело на Обединетите нации да биде жена“, изјави Гутереш на традиционалната новогодишна прес-конференција во Њујорк.
Португалскиот дипломат ја води организацијата од 2017 година, а неговиот втор и последен мандат завршува кон крајот на 2026 година, до кога треба да биде избран неговиот наследник. Во досегашната историја на Обединети нации, ниту една жена не ја извршувала функцијата генерален секретар.
„Време е да ги видиме жените на највисоките позиции, без разлика дали станува збор за Обединетите нации или за најмоќните држави во светот“, порача Гутереш.
Генералниот секретар на ОН формално го именува Генералното собрание, врз основа на препорака од Советот за безбедност. Претседателката на Генералното собрание, поранешната германска министерка за надворешни работи Аналена Бербок, исто така се заложи за избор на жена на оваа функција и ги повика земјите-членки да ги достават своите кандидатури до почетокот на април.
Засега е поднесена само една официјална кандидатура од Аргентина, која го номинираше Рафаел Гроси, актуелен директор на Меѓународна агенција за атомска енергија, кој има 64 години.
