На 25 септември на терасата на Музејот на современата уметност во Скопје во организација на Здружението Икуалити ќе биде претставен модниот бренд ZEN Инклузивно Soirée кој креира облека за лицата со попреченост. На модната ревија 31 лице со попреченост во колекцијата на адаптирана гардероба креирана по индивидуални мерки, ќе ги помести хоризонтите на скопската модна култура и ќе ги промовира вредностите на заедништво и општествена инклузија.
Модниот настан, збогатен со музичка програма, кулинарско уживање и ексклузивна изложба ќе им овозможи на посетителите вистинско уживање, а на моделите со уникатни способности ќе им пружи можост да ја промовираат потребата за поквалитетен живот и независност и ќе поттикне нивна поголема самодоверба.
„Инклузивното Soirée е настан на кој главни актери ќе бидат лицата со уникатни способности, директно вклучени во процесот на моделирање и креирање на колекцијата на адаптирана гардероба изработена по индивудална мерка. Истата ќе биде подарена во целост по завршување на настанот на овие лица, кои гордо ќе прошетаат по модната писта и ќе имаат можност да ги артикулираат своите предизвици и способности, како и да ја промовираат потребата за нивно активно општествено вклучување и унапредување на квалитетот на животот. Преку модната ревија, ќе биде промовиран и брендот ЗЕН, основан од страна на Здружението Икуалити со општествена мисија – да пружи поддршка на лицата со попреченост, да го трансформира дотерувањето од фрустрација во задоволство, да влијае на квалитетот на животот, самодовербата и
подигнување на нивото на нивната животна независност“ се вели во најавата за настанот.
Мисијата на Инклузивното Soirée е преку верба во повисока цел да креира ненадминлива позитивна енергија која ќе ги руши бариерите за најранливите и маргинализираните и да постави пример за почитување на меѓусебните различности, преку создавање на заедништво и креативни решенија кои водат кон поквалитетен живот.