„Земјотрес“ го објави краткиот филм за Мирко Попов – гласот на независната сцена

Фестивалот за свежа, домашна и независна музика „Земјотрес“ го објави краткиот филм за Мирко Попов, музички визионер, продуцент и еден од највлијателните фигури на македонската алтернативна сцена. Филмот беше прикажан на овогодинешното издание на фестивалот и претставува интимен поглед кон животот и пасијата на Попов.

Преку архивски снимки, интервјуа и музика, филмот ја доловува неговата бескомпромисна посветеност на независната сцена, љубовта кон диџејството, неговиот бенд ПМГ Колектив и важноста што ја имаше во создавањето на урбаната музичка култура во Македонија. Освен тоа, филмот зборува и за улогата на младите како двигатели на културните промени, нешто што Попов секогаш го поддржуваше.

Кој беше Мирко Попов?

Мирко Попов беше многу повеќе од диџеј и продуцент – тој беше хроничар на алтернативната сцена, раскажувач на нејзината историја, но и активен учесник во нејзиното создавање. Неговата кариера започна со радио „Канал 103“, каде што, од почетокот на 90-тите, беше една од клучните фигури во обликувањето на независниот музички идентитет.


Во 1995 година, заедно со Александра Малевски, го формира ПМГ Колектив, проект кој ќе стане симбол на креативната слобода. Три години подоцна, го основа ПМГ Рекордингс, дискографска куќа која промовираше некои од најзначајните македонски алтернативни изведувачи, меѓу кои Псајкоз, Роботек, Мугер Фугер, Фонија, Бернејс Пропаганда, Фајтинг Виндмилс, Милко, Мухамед Ибраими и многу други.

Како музичар, остави трага со ПМГ Колектив, со кој издаде девет студиски албуми и одржа повеќе од 500 концерти. Работеше и со електро-џез составот Кантон 6, како и со Mirko Popov Quart. Покрај тоа, беше сценарист и продуцент на документарниот филм 103 – Љубовно писмо до алтернативната култура, како и комплетен автор на музичкиот филм До небото замок.

Попов беше и активен писател – автор на монографијата 20 години те сакам – приказна за ПМГ Колектив, како и на детската книга Розевата планета, издадена на македонски и албански јазик. Како колумнист на Трн.мк, беше познат по своите проникливи и неконвенционални текстови, во кои ја анализираше музиката, културата и општествените движења низ еден поинаков, автентичен објектив.

Со својата енергија, креативност и верба во моќта на независната сцена, Мирко Попов остави неизбришлив белег врз македонската музичка историја. Краткиот филм на „Земјотрес“ е само уште едно сведоштво за неговото влијание и наследството што го остави зад себе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни