Најкраток ден досега
Според меѓународните служби за мерење на времето, 10 јули 2025 година бил најкраткиот ден во годината – пократок за 1,36 милисекунди. Ова може да не се почувствува во секојдневниот живот, но дури и толку мали отстапувања можат да влијаат врз работата на компјутерски системи, сателити и телекомуникации. Затоа, тие се следат со ултрапрецизни атомски часовници.
Атомските часовници побрзи од Земјата
Атомските часовници го дефинираат координираното универзално време (UTC), според кое се водат сите уреди и системи на планетата. Споредбата со вистинската ротација на Земјата открива отстапувања. На пример, на 5 јули 2024 година е забележан најкраткиот ден откако постојат вакви мерења – бил пократок за 1,66 милисекунди.
Што е негативна престапна секунда?
Од 1972 година, кога се воведе т.н. „престапна секунда“ за да се усогласи времето со ротацијата на Земјата, досега се додадени 27 секунди. Последната беше во 2016 година. Но, со тековното забрзување на ротацијата, може да се појави сосема нов предизвик – одземање на една секунда од времето, нешто што досега никогаш не се случило.
Според геофизичарот Данкан Агњу, постои околу 40% шанса ова да се случи до 2035 година. Тоа би значело воведување на „негативна престапна секунда“ – технички и логистички потег со многу непознати.
Проблем како Y2K?
Научниците предупредуваат дека негативната престапна секунда би можела да предизвика хаос во критични системи: финансиски трансакции, електрични мрежи, GPS, интернет и телекомуникации. Физичарот Џуда Левин вели дека дури и додатоците од една секунда до сега создавале проблеми, а негативната верзија никогаш не е тестирана.
Изненадувачка улога на климатските промени
Интересно, климатските промени – поточно, топењето на мразот на Антарктикот и Гренланд – ја забавуваат ротацијата на Земјата. Масата на стопениот мраз која се шири низ океаните делува како природна кочница.
„Да не беше тоа топење, веќе ќе се соочевме со негативна престапна секунда“, вели Агњу. Иронично, глобалното затоплување во овој случај ни купува време. Но, ако климатските промени продолжат, тие би можеле да станат главен фактор за промена на брзината на ротацијата на Земјата.
Извор: Index.hr