Земјоделските пестициди го зголемуваат ризикот од рак за 150%?

Нова студија објавена во Nature Health открива застрашувачка поврзаност помеѓу изложеноста на пестициди и малигните заболувања.

Живеењето во области со висока изложеност на земјоделски пестициди е поврзано со значително поголем ризик од појава на рак, покажува најновото истражување. Пестицидите, кои се масовно присутни во храната, водата и животната средина, можат да бидат директно поврзани со зголемен број дијагнози, особено кај социјално ранливите популации.

Студијата, објавена во престижното списание Nature Health, ја анализираше поврзаноста меѓу изложеноста на пестициди и развојот на рак преку комбинирање на еколошки податоци, регистри на заболени и биолошки примероци.

„Ова е првпат да успееме на национално ниво да ја поврземе изложеноста на пестициди со биолошки промени кои сугерираат зголемен ризик од рак“, објаснува Стефан Бертани, истражувач по молекуларна биологија од францускиот Национален истражувачки институт за одржлив развој (IRD).

Ризик зголемен за 150 проценти

Истражувачите идентификуваа зони каде населението е најмногу изложено на хемикалии и открија дека во тие области ризикот од развивање на рак е за 150 отсто поголем во споредба со останатите региони.

Студијата е плод на соработка меѓу францускиот институт IRD, институтот „Пастер“, Универзитетот во Тулуз и перуанскиот Национален институт за неопластични заболувања. Епидемиологот Хорхе Хонлес истакнува дека моделот за следење на пестицидите покажал дека контаминацијата се шири дури до 30 до 50 километри надвор од обработливото земјиште, носена од ветерот и водата.

„Тивките“ промени во клетките

Она што е најмногу загрижувачки во студијата е молекуларната анализа. Истражувачите откриле дека пестицидите ги нарушуваат процесите кои ја одржуваат функцијата и идентитетот на клетките.

Овие промени се случуваат пред да се развие ракот. Тоа сугерира кумулативни и „тивки“ ефекти кои ги прават ткивата многу поранливи на други фактори, како што се инфекции, воспаленија или стрес од животната средина.

Кои видови на рак се најзастапени?

Студијата открива дека одредени тумори делат заедничка биолошка ранливост која пестицидите дополнително ја слабеат. Епителни канцери, најчести кај возрасните, ги напаѓаат гастроинтестиналниот тракт, белите дробови и кожата и рак на црниот дроб (HCC). Црниот дроб, како главен орган за метаболизам на хемикалии, се смета за „чувар“ кој прв реагира на еколошката изложеност. Истражувачите откриле кластери на овој вид рак токму во зоните со најтешка употреба на пестициди.

Повик за итна акција

Иако многу од овие хемикалии Светската здравствена организација (СЗО) сè уште не ги класифицира како децидно канцерогени за луѓето, ова истражување покажува дека нивниот реален ефект во природата е недоволно разбран.

Истражувачите нагласуваат дека наодите се јасен аларм за регулаторите. Неопходно е во политиките за заштита на животната средина да се вклучи и социјалната еднаквост, со цел да се заштитат ранливите популации од канцери предизвикани од околината.

Извор: Associated Press

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни