Илјадници милионери ширум светот се подготвуваат за преселба – не кон традиционалните метрополи како Лондон или Париз, туку кон нови, неочекувани дестинации. Дел од нив, многу блиску до Македонија. Според проценките, над 140.000 луѓе со високи приходи ќе ја сменат својата адреса во текот на оваа година. Иако земји како Швајцарија, САД и Обединетите Арапски Емирати остануваат популарни, Црна Гора е земјата која се издвојува како најбрзо растечка точка за доселување на богатите.
Во текот на минатата година, бројот на милионери кои се преселиле во Црна Гора се зголемил за импресивни 124%, според податоци од меѓународни консултантски извори. Според ова, земјата има голем потенцијал да стане финансиски центар во регионот.

Иако во моментов таму живеат околу 2800 милионери – бројка која е помала во споредба со други земји – Црна Гора успева да привлече внимание преку својата програма за добивање државјанство преку инвестиции, популарно наречена „златен пасош“. Во комбинација со живописниот Јадран, луксузните недвижности и медитеранскиот стил на живот, Црна Гора станува сè попривлечна за глобалните инвеститори, освен за туристите.
Покрај Црна Гора, раст на бројот на доселени милионери е забележан и во Малта, Полска, Кина, Костарика, Индија и Летонија. Од друга страна, најмногу иселувања се регистрирани од Велика Британија, Кина, Индија, Јужна Кореја, Русија, Бразил, Франција, Шпанија и Германија.
Дополнителна предност е и географската положба – близината до Западна Европа, стабилната политичка клима и растечката туристичка индустрија. Овие фактори ја позиционираат Црна Гора како нова дестинација за оние кои бараат безбедност, престиж и потенцијал за раст. Црна Гора се истакнува како атрактивна дестинација благодарение на уникатната комбинација од природна убавина, економска поволност и геостратешка позиција.
Со чистото море и планински пејзажи, земјата нуди висок квалитет на живот во медитерански амбиент. Дополнително, ниските даноци, стабилната регулатива и програмите за добивање државјанство преку инвестиции ја прават особено привлечна за странски инвеститори и високоимотни поединци кои бараат безбедна и елегантна локација за живеење и деловно работење.