„Боинг“ го зајакнува своето присуство во Полска – по големиот договор со оваа компанија, сега Варшава бара и авиони F35
Американскиот производител на авиони Боинг го зголемува своето присуство во Полска, додека Министерството за национална одбрана размислува за купување до 32 нови борбени авиони.
Боинг го претстави својот повеќенаменски борбен авион F-15EX на полските воени претставници кон крајот на октомври во Варшава, истакнувајќи ги неговите предности во однос на брзината, дометот и носивоста, објавува Defense News.
За да ја направи понудата попривлечна, компанијата ја поврза со сеопфатен пакет индустриска соработка за полскиот одбранбен сектор, вклучувајќи ја можноста за трансфер на технологија и дополнителна понуда на беспилотниот систем „MQ-28 Ghost Bet“, таканаречен дрон „лојален асистент“ кој би дејствувал заедно со борбени авиони.
Претставниците на Боинг во последните месеци одржаа серија состаноци со потенцијални полски индустриски партнери, а на настанот „Денот на индустријата Боинг“ во Варшава беа дискутирани и други проекти, вклучувајќи го и танкерот KC-46 што компанијата го нуди и на полските вооружени сили.

Покрај понудата на Боинг за F-15EX, Варшава разгледува и други опции: купување на дополнителни 32 борбени авиони F-35 од петта генерација, од кои првата серија е веќе нарачана, или купување на европски авиони Eurofighter Typhoon, заеднички произведени од Airbus, BAE Systems и Leonardo.
„Боинг“ значително ги зголеми своите деловни активности во Полска во последните години, првенствено по минатогодишниот договор вреден околу 10 милијарди долари за испорака на 96 јуришни хеликоптери „AH-64E Apache“ со придружно оружје и опрема.
Во февруари оваа година беше потпишан дополнителен договор вреден 300 милиони долари, според кој Полска привремено изнајми осум постари хеликоптери „AH-64D“ од САД.