Во Универзитетскиот кампус во Нови Сад земјоделците започнаа со готвење гулаш за студентите кои учествуваат во блокадата на факултетите.
Земјоделецот Гордан Филиповиќ изјави дека е предвидено да се подготват околу 1.200 порции за студентите кои блокираат Универзитетот, со цел да им се обезбеди топол оброк, односно ручек кој се јаде со лажица, бидејќи студентите, кои се веќе повеќе од три недели во блокада, како што вели, не имаат често можност за тоа.
Ректоратот на Универзитетот во Нови Сад, ги поддржа земјоделците кои готват гулаш, а дојде и поранешниот потпретседател на Владата на Војводина Гордан Јешиќ.
По најавата на оваа акција за поддршка на студентите, земјоделците објавија дека добиле повик од Безбедносно-информативната агенција (БИА), каде што им е кажано дека нивните трактори ќе бидат запирани и одземени ако се упатат кон Универзитетот.
Изутринава беше запрен Душан Крчмар, земјоделец од Челарево, кај Ветерник, кога се обидел да дојде со трактор во Нови Сад за да учествува во акцијата на готвење гулаш за студентите. Филиповиќ нагласува дека на крајот сепак стигнал со автомобил и се приклучил на земјоделците кои веќе се наоѓаат во кампусот. Тој најави дека дел од земјоделците утре ќе се приклучат и на протестот на Славија.
Студентските блокади продолжуваат и денес. Факултетите низ цела Србија се во блокада. Наставата е прекината на универзитетите во Белград и Нови Сад, како и на повеќето факултети во Крагуевац и Ниш. На студентските блокади се приклучуваат и се повеќе средношколци.
Десетата, Тринаесетата и Четирнаесетата гимназија најавија дека нема да ја почитуваат одлуката на Владата на Србија за предвремениот распуст и дека и следната недела ќе продолжат да одат на училиште, а Весна Војводиќ од просветниот синдикат Независност изјави дека наставниците ќе бидат во училниците до крајот на следната работна недела и дека ќе им одржуваат часови од 30 минути на учениците кои ќе бидат заинтересирани за тоа.
Дали ќе се приклучат и останатите репрезентативни синдикати на образованието ќе биде решено за време на овој викенд
. Студентите нагласуваат дека нема да се откажат додека нивните барања не бидат исполнети.