Зеленски ѝ понуди примирје на Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека стои зад предлогот упатен до Русија за прекин на огнот, но под јасен услов, Москва да ги запре сите напади врз украинската енергетска инфраструктура. Во своето вечерно видео-обраќање, Зеленски посочи дека предлогот бил пренесен до руската страна преку САД, додавајќи дека разговорите со американските посредници продолжуваат, особено во делот на безбедносните гаранции, кои ги оцени како клучни за постигнување траен мир.

„Ако Русија е подготвена да ги запре нападите врз нашата енергетска инфраструктура, ние ќе бидеме подготвени да возвратиме со истата мерка“, изјави Зеленски. „Овој предлог ѝ беше пренесен на руската страна преку посредство на Американците.“

Обид за велигденско примирје

Зеленски потсети дека и минатата недела предложил сличен прекин на огнот за време на Велигден, кога и Русија и Украина, како претежно православни земји, го одбележуваат празникот следната недела. Сепак, по новите руски напади, украинскиот претседател изјави дека Москва одговорила на иницијативата со засилени напади, вклучително и користење на дронови „Шахед“ од иранско производство.

Од руската страна, реакцијата на предлогот била воздржана. Москва порача дека повеќе е заинтересирана за сеопфатен мировен договор отколку за привремени прекини на огнот.

„Ништо не им е свето“

Во понеделникот, по ноќниот напад врз црноморскиот град Одеса, во кој загинаа три лица, Зеленски изјави дека сè повеќе се чини оти Русија не е подготвена да прифати ниту привремено примирје.

„Повеќепати ѝ предлагавме на Русија примирје барем за Велигден, тоа е посебно време од годината. Но за нив сите денови се исти. Ништо не им е свето“, порача Зеленски.

Со оваа иницијатива, Киев повторно се обидува да отвори простор за деескалација, но досегашните реакции укажуваат дека договорот за прекин на огнот сè уште е далеку.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни