Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, се обрати на Светскиот економски форум во Давос, веднаш по разговорот со американскиот претседател Доналд Трамп. Британскиот Гардијан ги пренесе клучните делови од неговиот говор, во кој Зеленски упати сериозни критики кон Европа и Соединетите Американски Држави поради, како што рече, недостиг на акција додека Русија продолжува со агресијата.
Зеленски изјави дека Украина со „недели, месеци и години“ живее свој „Ден на мрмотот“, алудирајќи на познатиот американски филм, со постојано повторување на истата реалност под руската инвазија.
„Никој не би сакал да живее така постојано повторувајќи го истото со недели, месеци и години. Но токму така живееме ние денес“, изјави украинскиот претседател.
Тој потсети дека уште пред една година предупредил дека Европа мора да научи како да се брани, но дека за тоа време „ништо суштински не се променило“.
Зеленски ја критикуваше Европа поради недостиг на фокус и неспособност да одговори на повеќекратните кризи, посочувајќи дека новите предизвици постојано ја одвлекуваат вниманието од суштинските проблеми.
„Сите сега зборуваат за Гренланд. Повеќето лидери очигледно не знаат што да направат и само чекаат Америка да се „олади“околу темата. Но што ако тоа не се случи?“, праша тој.
Во тој контекст, Зеленски накратко се осврна и на Иран, велејќи дека протестите таму биле „удавени во крв“ затоа што светот не реагирал навреме.
„Додека политичарите се вратија од празници и почнаа да формираат ставови, ајатолахот веќе уби илјадници луѓе. Ако режимот преживее, тоа испраќа опасна порака: убијте доволно луѓе и ќе останете на власт“, предупреди Зеленски.
Замрзнатата руска имотнина
Зеленски истакна дека ова е четврта година од најголемата војна во Европа по Втората светска војна, а дека човекот кој ја започнал Владимир Путин не само што е слободен, туку и натаму се бори за пристап до замрзнатиот руски имот во Европа.
Тој оцени дека Путин дури и бележи „одреден успех“, бидејќи Европската унија минатиот месец не успеала да постигне договор за конфискација на тој имотн, ниту пак има значителен напредок во формирањето специјален трибунал за руските злосторства во Украина.
„Европа сака да зборува за иднината, но избегнува да дејствува денес а токму денешните одлуки ја дефинираат иднината“, нагласи Зеленски.
Тој ја спореди одлучноста на САД, кои успеале да запрат руски нафтени танкери, со фактот дека руската нафта и натаму непречено се транспортира покрај европските брегови.
Одбраната на Европа и НАТО
Зеленски оцени дека на Европа ѝ се потребни обединети вооружени сили кои реално можат да ја бранат денес.
„Европа се потпира на верувањето дека НАТО ќе реагира ако се појави опасност. Но никој навистина не ја видел Алијансата во вистинска акција. А што ако САД не реагираат?“, праша тој.
Гренланд и Белорусија
Тој остро ја критикуваше идејата за испраќање симболичен број војници на Гренланд, велејќи дека тоа не испраќа сериозна порака ниту до Русија, ниту до Кина.
Исто така, Зеленски ја обвини Европа дека не направила доволно за Белорусија, дозволувајќи ѝ на Москва да го прошири своето влијание и таму да распореди ракети.
„Кога одбивате да им помогнете на луѓето што се борат за слобода, последиците секогаш се враќаат – и секогаш се негативни“, рече тој.
„Европа молчи, Путин произведува ракети“
Во најостриот дел од говорот, Зеленски предупреди:
„Европа речиси ништо не зборува. Америка ништо не зборува. А Путин произведува ракети.“
Тој се запраша дали не би било поевтино и поефикасно едноставно да ѝ се ускрати на Русија пристапот до клучните компоненти за производство на ракети или да се уништат фабриките што ги произведуваат.
Повик за силна Европа
На крајот, Зеленски ги повика европските лидери да ја претворат Европа во вистинска глобална сила.
„Европа може и мора да помогне во создавање подобар свет – свет без војна. Но за тоа ѝ е потребна сила и храброст да дејствува навреме“, рече тој.
Тој додаде дека документите за завршување на војната се „речиси подготвени“ и дека Украина искрено работи на мирот, но повтори дека Русија мора да биде принудена да ја заврши агресијата.
„Светскиот поредок се создава со дела, не со зборови. Сега нема ‘утре’. Ајде да го прекинеме овој Ден на мрмотот“, заклучи Зеленски.
