Прекинот на огнот и безбедносните гаранции за Украина мора да претходат на секој договор што вклучува преговори за територија, сметаат европските лидери.
„Немаме доволно оружје, а не ни луѓе – за да ја вратиме контролата над Крим“, изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Тој нагласи дека САД нема да мораат да испраќаат војници како дел од безбедносните гаранции.
„Вистина е тоа што го кажа Доналд Трамп, американскиот претседател – дека немаме доволно оружје, а не луѓе – за да ја вратиме контролата над Крим“, рече Зеленски.
Тој додаде дека постои можност за санкции и други економски и дипломатски притисоци врз Русија.
Трамп се залага за постигнување примирје во Украина во најкус можен рок, додека Киев и европските сојузници инсистираат дека прекинот на огнот и јасни безбедносни гаранции за Украина мора да му претходат на секој договор што вклучува територијални преговори.
„Разговарав со Трамп за ова, за нас точката на заштита не се нужно (војници) на теренот. Знам дека ставот на САД за ова не е баш позитивен – затоа зборуваме за разузнавање, сајбер-безбедност и ракети Патриот“, изјави Зеленски.
Зеленски исто така изјави дека би сакал денес да се сретне со Трамп во Ватикан, каде што светските лидери присуствуваат на погребот на папата Франциско.
„Во наредните денови може да се одржат важни средби кои можат да го приближат примирјето во Украина. Дипломатијата мора да функционира, и ние правиме сè таа навистина да успее“, нагласи тој.
Американските предлози за примирје вклучуваат признавање на руската анексија на Крим од 2014 година и замрзнување на конфликтот долж постојните линии на фронтот, оставајќи ја Русија со контрола над делови од источна и јужна Украина. Киев, според предлогот, би морал да се откаже и од амбициите за приклучување кон НАТО.
Трамп вчера изјави дека „Крим ќе остане во Русија“ и ја повика Украина што побрзо да потпише договор за минерали со САД.
Синоќа борбите долж фронтот во Украина не престанаа. Руските трупи нападнале четири окрузи во Дњепропетровската област – има загинати и повредени, соопшти на Телеграм шефот на локалната воена администрација, Серхиј Лисак.
„Непријателот утрово со дрон-камиказа ја погоди заедницата Марганец во округот Никопол“, рече тој и додаде дека таму немало жртви.
Истовремено, Лисак објасни дека еден маж загинал, а уште три лица се повредени при напад на руски дрон врз градот Камјанске. Рускиот дрон удрил во деветкатна станбена зграда во тој град. Претходно беа пријавени три жртви од нападот.
Од друга страна, руското Министерство за одбрана соопшти дека нивната ПВО-одбрана уништила 49 украински дронови во неколку руски региони.