Разговорите со американските претставници за мировниот план за Украина биле конструктивни, но не и лесни, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, во пресрет на планираните консултации со европските лидери во наредните денови.
Зеленски во саботата разговарал со специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и со зетот на Трамп, Џаред Кушнер. Се очекува во понеделник во Лондон да се сретне со француските, британските и германските лидери, а понатамошни разговори се планирани во Брисел.
„Американските претставници ги знаат основните украински ставови“, рече Зеленски во своето вечерно видео-обраќање. „Разговорот беше конструктивен, иако не и лесен“, додаде тој.
Трамп претходно изјави дека завршувањето на руската војна во Украина — која влегува во четвртата година и е најсмртоносниот конфликт во Европа по Втората светска војна — останува негов најтежок надворешнополитички предизвик.
И покрај американското посредување и повремените контакти на високо ниво, напредокот во мировните преговори е бавен, а споровите околу безбедносните гаранции за Киев и статусот на териториите под руска окупација остануваат нерешени.
Москва тврди дека е отворена за преговори и го обвинува Киев и Западот за блокирање на мирот, додека Украина и нејзините сојузници велат дека Русија одолговлекува и ја користи дипломатијата за да ги зацврсти своите придобивки.
Европските лидери го поддржуваат постепениот дипломатски процес за Украина, поврзан со долгорочни безбедносни гаранции и континуирана воена помош. Трамп, од друга страна, се фокусира на брзо постигнување договор и поделба на товарот, а дипломатите предупредуваат дека разговорите се уште кревки и чувствителни на евентуални промени во американската политика, пренесува Ројтерс.
