Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека Украина упатила предлог до Русија за продолжување на велигденското примирје и по завршувањето на православниот празник Велигден, кој годинава се одбележува на 12 април.
Како што пренесува „Украинска правда“, Зеленски истакнал дека идејата за прекин на огнот не е нова и дека Киев повеќепати ја поддржал можноста празничниот период да помине во мир.
„Велигден треба да биде време на безбедност и мир. Би било исправно прекинот на огнот да продолжи и по празникот. Го пренесовме овој предлог до Русија“, изјави Зеленски во своето вечерно обраќање.
Тој нагласи дека Украина нема да остане пасивна доколку дојде до прекршување на договорот, додавајќи дека украинските сили ќе реагираат „симетрично“.
„Ако нема руски напади, нема да има ни наш одговор. Но секоја единица го задржува правото да одговори на терен“, порача украинскиот претседател.
Во исто време, Зеленски оцени дека евентуално продолжување на примирјето би било важен сигнал за меѓународната заедница, особено за Соединетите Американски Држави, за тоа „кој навистина се залага за мир“. Кремљ претходно соопшти дека претседателот Владимир Путин прогласил еднодневно „велигденско примирје“, кое започна на 11 април и трае до крајот на 12 април.
Иако двете страни формално го поддржуваат прекинот на огнот, на терен останува неизвесноста дали тој целосно се почитува, при што и Москва и Киев предупредуваат на можност за одговор доколку дојде до прекршувања.