Зеленски: Повеќе од 470 дронови и 48 ракети погодија украински градови, им десетици повредени и најмалку девет загинати

Украинскиот претседател Володимир Зеленски утрово соопшти дека Русија ноќеска изведела еден од најмасовните напади врз Украина во последните месеци.

Според официјалните податоци, кон украинските градови биле лансирани повеќе од 470 ударни дронови и 48 ракети од различен тип, меѓу кои и балистички и крстосувачки проектили.

Најтешка е состојбата во Тернопил, каде што руските проектили погодиле деветкатни станбени згради, предизвикувајќи големи пожари. Зеленски потврди дека уништени се цели делови од објектите и дека под урнатините можно е да има луѓе. Досега е познато дека десетици лица се повредени, а деветмина трагично загинале. Службите за спасување продолжуваат со извлекување и потрага.

Сериозни последици претрпел и Харков, кој бил под масовен напад уште од вечерните часови. Таму се ранети десетици граѓани, меѓу кои и деца, а оштетени се енергетски постројки, транспортни системи и повеќе цивилни објекти. Нападите продолжиле и во Ивано-Франковската област, каде што е погодена енергетската инфраструктура, при што се повредени три лица, од кои двајца се деца. Во Лавовската област повторно биле цел критични и енергетски објекти, а повреден е и еден граѓанин во Донецката област. Ракетни и дрон напади биле регистрирани и во регионите Киев, Миколаев, Черкаси, Чернигов и Днипро.

Зеленски порача дека секој ваков напад е јасен доказ дека меѓународниот притисок врз Русија сè уште не е доволен. Тој апелираше дека Украина има итна потреба од дополнителни ракети и системи за противвоздушна одбрана, од зголемени капацитети за борбената авијација и од засилено производство на дронови кои ќе го заштитат цивилното население. Според него, Русија мора да одговара за стореното, а Украина мора постојано да работи на зајакнување на сопствената одбрана за да може навремено да ги пресретнува ракетите, да ги неутрализира дроновите и да ги спречува идните напади.

Во пораката тој изрази благодарност до меѓународните партнери што продолжуваат да ја поддржуваат Украина во, како што рече, борбата за живот и опстанок.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни