Украина, во партнерство со своите сојузници, финализира фундаментален документ од 20 точки чија цел е дефинирање на патот кон завршување на војната со Русија, изјави претседателот Володимир Зеленски во своето видео-обраќање.
Според него, документот утврдува конкретни и изводливи чекори, а од него произлегуваат уште најмалку два други документи – безбедносен и економски, кои треба да гарантираат долгорочна стабилност и обнова на земјата.
Безбедносни гаранции со САД и економски план за реконструкција
Зеленски објасни дека првиот дополнителен документ се однесува на безбедносните гаранции за Украина, кои ги подготвуваат Киев и Вашингтон. Вториот документ, економскиот, го дефинира планот за обнова, инвестиции и меѓународна економска соработка.
Тој нагласи дека денеска со американските претставници биле разматрани клучните принципи на економскиот дел, а Европа ќе биде активно вклучена во процесот на реконструкција.
30 држави во „Коалицијата на волни“
Украина се подготвува за утрешниот состанок на т.н. Коалиција на волни, во која повеќе од 30 држави соработуваат со Киев во јакнењето на безбедноста на копно, море и воздух. Зеленски ја оцени оваа координација како клучна за одбранбените капацитети на земјата.
Разговори за избори во услови на воена состојба
Зеленски исто така откри дека разговарал со претставниците на Врховната рада за можноста од одржување избори додека земјата е под вонредна/воена состојба.
Тој нагласи дека нема да дозволи политички манипулации и дека ако партнерите – вклучувајќи го и „клучниот партнер Вашингтон“ – бараат одговори за изборниот процес, Украина ќе даде правно засновани и транспарентни одговори.
„Безбедносните услови за избори зависат пред сѐ од САД, а политичките и правните аспекти од Украина“, рече Зеленски, додавајќи дека очекува пратениците да понудат јасна визија.
Спремност за избори, но под услови
Ден претходно, Зеленски изјави дека е подготвен да распише избори, но оти нивниот легитимитет и успешна организација зависат од: безбедносната ситуација, можноста за гласање во воени услови и измените во законодавството.
Украина, според претседателот, „не го избрала овој тежок пат“, но мора истовремено да води сметка и за демократијата и за националната безбедност.
