Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен за директна средба со рускиот претседател Владимир Путин на неутрално подрачје.
„Подготвен сум да се сретнам со Путин. Секако не во Москва, не во Киев, но има многу други места – на Блискиот Исток, во Европа или САД“, рече Зеленски во интервју за италијанското радио „Раи“ .
Зборувајќи за Донбас, украинскиот лидер ја отфрли можноста за територијални отстапки кон Русија, предупредувајќи дека тоа ќе им овозможи на руските сили да заземат стратешки позиции без поголеми загуби и потенцијално да ја прошират офанзивата кон други градови, вклучително и Харков.
Тој, исто така, изјави дека таков потег би предизвикал длабоки поделби во украинското општество и би ја загрозил независноста на земјата.
Путин сè уште не донел одлука за евентуално примирје за Велигден
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Владимир Путин сè уште не донел никакви одлуки за евентуално примирје за Велигден.
„Врховниот командант денес не донесе никакви одлуки“, изјави Песков пред новинарите, објави РИА Новости .
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека Украина е подготвена за прекин на огнот за Велигден, кој православните христијани го слават во недела.