Украинскиот претседател Володимир Зеленски се огласи по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп.
„Ова беше добра средба. Многу разговаравме еден на еден. Се надеваме на резултати за сè што покривме. Заштита на животите на нашите луѓе. Потполен и безусловен прекин на огнот. Сигурен и траен мир кој ќе спречи нова војна. Многу симболична средба која има потенцијал да стане историска, ако постигнеме заеднички резултати. Му благодарам на претседателот Трамп“, напиша Зеленски на мрежата „Икс“.
Трамп и Зеленски се сретнаа на погребот на папата Франциско во Ватикан.
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, изјави дека средбата била „продуктивна“, со што се согласува и Белата куќа.
„Тие се сретнаа приватно и имаа многу продуктивен разговор“, изјави за CNN директорот за комуникации на Белата куќа, Стивен Чинг.
Од Елисејската палата соопштија дека на маргините на погребот на папата Франциско дошло и до средба на францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер со Трамп и Зеленски, и дека исходот бил позитивен.
Разговорот наводно траел 15 минути.
Договор за крај на војната на повидок?
„Добар ден за разговори и средби со претставници на Русија и Украина. Тие се многу блиску до договор и сега двете страни треба да се сретнат на многу високо ниво за да ја завршат работата. Повеќето клучни точки се веќе договорени. Прекинете го крвопролевањето – сега. Ќе бидеме каде и да е потребно за да помогнеме во ставање крај на оваа сурова и бесмислена војна“, порача Трамп по средбата со Зеленски.
Тој синоќа најави дека е на повидок средба меѓу украински и руски претставници, како и дека договорот за примирје е близу.