Зеленски: Никој не ги тера нашите војници да умираат за урнатини

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика сојузниците од Европската унија да ги надминат несогласувањата околу користењето на замрзнатиот руски имот, нагласувајќи дека обезбедувањето нови финансиски средства е клучно за украинската економија разурната од војната.

„Се надевам дека ќе ја добиеме оваа одлука. Во спротивно, ќе мораме да најдеме алтернатива – тоа е прашање на наш опстанок. Затоа ни е многу важно. И сметам на партнерите“, изјави Зеленски за Bloomberg.

Ослабена западна поддршка

ЕУ ја одложи за декември одлуката за предлогот замрзнатиот руски имот да се искористи за „репарациски заем“ за Украина вреден 140 милијарди евра. Во меѓувреме, Русија бележи постепено напредување на фронтот и повторно ја напаѓа украинската енергетска инфраструктура со цел да ја ослабне земјата пред зимата.

Инвазијата влезе длабоко во четвртата година, а украинската влада се соочува со истрошена економија и исцрпени трупи во најжестокиот европски конфликт по Втората светска војна. Дополнително, враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа ја наруши безусловната западна поддршка за Киев.

Со американското финансирање ставено во застој, европските влади ветија зголемена помош за одбрана од новите закани од Кремљ. Сепак, минатиот месец Европската унија не успеа да ги надмине приговорите на Белгија, која држи најголем дел од руските средства и бара посилни правни гаранции. Словачкиот премиер Роберт Фицо исто така изјави дека нема да поддржи план за одземање руска имотина доколку средствата се користат за воени цели во Украина.

„Русија мора да плати“

Зеленски истакна дека парите од замрзнатите имоти ќе овозможат на Украина да набави повеќе системи за противвоздушна одбрана и да ја финансира производството на дронови за целни напади врз руските позиции.

„Немаме дополнителни средства. Ова е начинот – и ова е праведно“, изјави тој.

Тој додаде дека Трамп би можел да испрати „добар сигнал“ до европските лидери ако сам започне да ја користи руската имотина замрзната во САД. „Трамп има повеќе од пет милијарди долари руски имот, можеби ќе одлучи да ги искористи тие пари. Тоа ќе помогне“, рече Зеленски.

Тој откри дека Украина започнала заедничко производство на пресретнувачки дронови со САД.

Застрашување од Москва

Украинскиот лидер смета дека рускиот претседател Владимир Путин води кампања за психолошко заплашување на Европа преку скорошните упади на дронови и борбени авиони во воздушниот простор на НАТО.

„Тоа ги натера лидерите да бидат помалку подготвени да испраќаат системи за противвоздушна одбрана. Мислам дека ги исплаши – тоа му беше целта, и ја постигна“, истакна Зеленски.

Тешка ситуација во Донецк

Зеленски призна дека ситуацијата е „многу тешка“ во градот Покровск во Донецката област, каде што руските сили се обидуваат да воспостават контрола по месеци жестоки борби. Тој нагласи дека одлуките за евентуално повлекување се целосно во рацете на воените команданти.

„Никој не ги тера да умираат за урнатини. Ќе ги поддржам нашите војници, особено командантите кои се таму. Најважни за нас се нашите луѓе“, рече тој.

Според Зеленски, Русија сака победа во Покровск за да го убеди Трамп дека Украина треба да се повлече од целиот Донбас – Донецк и Луганск – како услов за прекин на војната.

„Не можеме да ја напуштиме источна Украина. Никој нема да го разбере тоа, народот нема да го прифати. А најважно – нема гаранција дека ако го земат еден град, нема да продолжат понатаму“, предупреди украинскиот претседател.

Отворени за дијалог

Според него, Русија го таргетира украинскиот енергетски систем со цел да ја принуди земјата на капитулација пред пролетта.

Преговорите за примирје се во застој откако Трамп во август се сретна со Путин на Алјаска, а плановите за втор самит во Будимпешта биле откажани кога САД процениле дека Москва не е подготвена да се откаже од максималистичките барања.

„Украина останува отворена за разговори со Русија за прекин на огнот што го бара претседателот Трамп. Ако навистина сакаат да го завршат војната, тогаш треба да се врати дипломатскиот пат. Затоа му реков на претседателот Трамп дека сум подготвен“, заклучи Зеленски.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни