Во пресрет на закажаната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин за иднината на војната во Украина, украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека нема да има никакви територијални отстапки кон Русија, објави Би-Би-Си.
Неколку часа пред да објави дека е договорена средбата со Путин, Трамп сигнализираше дека Украина можеби ќе треба да отстапи дел од својата територија за да се стави крај на војната, која започна со целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година.
Зеленски денеска преку објава на „Телеграм“, порача дека „Украинците нема да ја дадат својата земја на окупаторот“. Тој повтори дека Украина мора да биде вклучена во секое решение за мир и дека е подготвен да работи со партнерите за „вистински“ и „траен“ мир.
„Украина нема да ја награди Русија за она што го направи,“ истакна Зеленски. „Одговорот на украинското територијално прашање веќе е запишан во Уставот на Украина. Никој нема и не може да отстапи од тоа“, додаде тој.
Неговата изјава следеше по коментарите на Трамп во Белата куќа дека „ќе има некаква размена на територии, на добробит на двете страни“. „Гледате територија за која се војуваше три и пол години, загинаа многу Руси, загинаа многу Украинци“, рече американскиот претседател, без да даде дополнителни детали за предложеното решение.
Зеленски нагласи дека Украина е подготвена за „вистински решенија кои можат да донесат мир“, но предупреди дека секое решение против Украина или донесено без нејзино учество „е истовремено решение против мирот“.
„Подготвени сме, заедно со претседателот Трамп и со сите партнери, да работиме за вистински и, најважно, траен мир – мир кој нема да се урне поради желбите на Москва“, рече Зеленски.