„Планот нема да биде таков што сите ќе бидат задоволни. Секако, постојат многу компромиси во различни формати на мировниот план. Нашите најнови коментари и измени веќе ги испративме до Соединетите Американски Држави“, изјави Зеленски, пренесува „Укринформ“.
Тој нагласи дека мировниот план мора да биде поправеден за Украина, имајќи предвид дека Русија ја започна војната. Според него, планот мора да биде и функционален и применлив, а не документ што ќе остане само на хартија, без реален ефект врз завршувањето на конфликтот.
Зеленски истакна дека клучен услов е по потпишувањето на договорот Русија да нема можност повторно да започне војна против Украина. Тој потсети дека претходно оваа недела Киев се договорил за клучните точки на планот за поствоена обнова, по разговорите со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, и други високи американски претставници.
Постојат шанси за договор за крај на војната
Украинскиот претседател изјави и дека во моментов постои реална можност за постигнување договор за ставање крај на војната. Тој потврди дека неговиот кабинет се подготвува за претстојните средби со претставници на САД и Европската Унија во Берлин.
„Министерот Умеров и нашиот преговарачки тим ќе одржат брифинг за досегашните контакти. Генералот Гнатов и претставници од одбранбениот и безбедносниот сектор ќе работат на деталите околу безбедносните гаранции за Украина и за украинските граѓани“, напиша Зеленски на својот Телеграм-профил.
Тој додаде дека паралелно продолжуваат разговорите со САД и ЕУ за конкретна обнова и развој на Украина по завршувањето на војната.
„Најважно е што ќе се сретнеме со пратениците на претседателот на САД, Доналд Трамп, но ќе има и средби со нашите европски партнери и со бројни лидери во врска со темелите на мирот, политички договор за завршување на војната“, наведе Зеленски.
Според него, моментот е исклучително значаен за Украина. „Оваа шанса е важна за секој наш град и за секоја украинска заедница. Работиме мирот да биде достоинствен и да обезбеди гаранции, пред сè дека Русија нема повторно да се врати со трета инвазија“, порача украинскиот претседател.
Извор: Tanjug
