Додека руската инвазија врз Украина влегува во четвртата година, прашањето за одржување претседателски избори повторно се наметнува како дел од пошироките разговори за можен мировен договор. Кремљ, а во последно време и Белата куќа, порачаа дека изборите би можеле да бидат дел од секое потенцијално решение на конфликтот.
Избори под вонредна состојба?
Украина воведе вонредна состојба во февруари 2022 година, кога руските сили ја започнаа инвазијата. Според украинскиот закон, избори не можат да се одржуваат додека е на сила воена управа.
Претседателот Володимир Зеленски повеќепати изјави дека избори би можеле да се организираат по потпишување мировен договор со Русија. Во декември тој нагласи дека не сака Украина да се доведе во позиција каде отсуството на избори би било аргумент против легитимноста на државното раководство.
„Јас сум за избори, но само кога ќе има услови“, изјави Зеленски, додавајќи дека секое евентуално територијално отстапување би морало да биде потврдено на референдум.
Сепак, висок претставник од неговата партија изјави дека политичкиот консензус во земјата останува непроменет – ниту референдум, ниту избори не можат да се одржат додека трае вонредната состојба.
Гласање додека траат нападите?
Практичните пречки се бројни. Дел од украинските градови и населени места секојдневно се изложени на ракетни и артилериски напади. Милиони граѓани се раселени, а значителен дел од територијата е под руска окупација.
Политичкиот аналитичар Володимир Фесенко смета дека организирање избори на окупираните територии е „целосно невозможно“, па дури и по завршување на војната.
Дополнително, останува прашањето како би гласале стотици илјади војници на фронтот. Истражување на Киевскиот меѓународен институт за социологија (KIIS) покажало дека само 10 проценти од Украинците поддржуваат избори пред прекин на огнот.
Ставот на САД и Русија
Москва тврди дека Зеленски е „нелегитимен“, бидејќи неговиот петгодишен мандат формално истече во 2024 година. Кремљ порача дека би можел да прифати привремен прекин на огнот за време на изборите, но само доколку гласаат и Украинците што живеат во Русија или на територии под руска контрола.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека изборите се важен дел од евентуалниот мировен договор и во декември го обвини Киев дека го користи продолжувањето на борбите за да избегне гласање.
Кој би се кандидирал?
Иако Володимир Зеленски претходно изјави дека изборите не му се лична цел, аналитичарите сметаат дека тој би барал втор мандат. Според истражување од крајот на 2025 година, 59 проценти од Украинците сè уште му веруваат.
Меѓу потенцијалните противкандидати се споменува поранешниот врховен командант Валериј Залужни, кој би можел да му биде сериозен предизвик во втор круг. Се спомнуваат и поранешниот претседател Петро Порошенко и поранешната премиерка Јулија Тимошенко, иако нивната поддршка засега е ограничена.
Прашањето останува отворено: дали изборите ќе бидат чекор кон мир или дополнителен ризик во момент кога земјата сè уште се брани од агресија?
