Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со неговиот американски колега Доналд Трамп во главниот град на Италија, каде што двајцата пристигнаа за погребот на папата Франциско, изјави портпаролот на Зеленски, додека Белата куќа соопшти дека разговорот бил „многу продуктивен“.
„Претседателите се сретнаа во базиликата Свети Петар, а средбата траеше околу 15 минути“, соопшти кабинетот на Зеленски. „Лидерите се договорија денес да ги продолжат преговорите. Тимовите работат на организација на продолжението на состанокот.“
Разговорите треба да продолжат денес попладне.
Средбата се одржа во критичен момент за преговорите за запирање на конфликтот помеѓу Украина и Русија. Ова е нивна прва средба по расправијата во Белата куќа.
Трамп, кој врши притисок врз двете страни да се договорат за прекин на огнот, во петокот изјави дека разговорите помеѓу неговиот пратеник и руското раководство биле продуктивни и повика на средба на високо ниво помеѓу Киев и Москва за финализирање на договорот.
Трамп претходно ги предупреди двете страни дека неговата администрација ќе се повлече од напорите за постигнување мир ако завојуваните држави наскоро не постигнат договор. Средбата во Рим е прва средба лице в лице помеѓу Трамп и Зеленски по нивната расправија во Овалната соба во февруари.
По таа средба, САД ја прекинаа разузнавачката соработка со Украина, која беше клучна за нејзините напори да ги одбие руските напади, но таа подоцна беше обновена.