Украина и нејзините меѓународни партнери работат на три клучни документи кои го сочинуваат темелот на сегашните дипломатски напори за запирање на војната со Русија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Според Kyiv Independent, во тек е подготовка на рамковен мировен договор, документ за безбедносни гаранции, како и план за обнова на земјата.
Рамковен план од 20 точки
Зеленски објасни пред новинарите дека главниот мировен план сега содржи 20 точки, откако преговарачите отстраниле дел од точките од првичниот американско-руски предлог кој имал 28 точки.
Тој ја опиша ревидираната верзија како „рамка која постојано се развива“ и која мора да ги одразува „интересите на Украина, Европа и светот“.
Безбедносни гаранции – клучен елемент
Вториот документ се однесува на безбедносните гаранции кои Киев ги подготвува во соработка со САД и европските партнери.
„Ги чекам предлозите од нашата армија и од нивниот дијалог со Американците,“ рече Зеленски, нагласувајќи дека гаранциите се неопходни за било каква понатамошна дискусија.
Тој призна дека САД „сè уште не се подготвени да ја видат Украина во НАТО“, нарекувајќи го тоа „отворена информација“.
„Многу важно – тоа се билатерални безбедносни гаранции меѓу Украина и САД. Тие се дел од планот од 20 точки. Тоа е како член 5 од НАТО,“ додаде тој.
Обновата на Украина – трет документ
Третиот документ се занимава со обновата на земјата, што Зеленски го смета за клучно за долгорочно планирање, иако војната сè уште трае.
Овие изјави следат по извештајот на украинскиот преговарачки тим за консултациите одржани во Лондон со советниците за национална безбедност од ЕУ.
Зеленски денеска се сретна во Рим со италијанската премиерка Џорџа Мелони и папата Лав XIV.
Трамп постави рок: договор до Божиќ
Американскиот претседател Доналд Трамп го предупредил Зеленски дека има време до Божиќ да го прифати неговиот мировен договор за завршување на војната.
Неговите пратеници, Џаред Кушнер и Стив Виткоф, го информирале украинскиот лидер за ова во двочасовен телефонски разговор, по нивните средби со Владимир Путин во Москва.
Во одделно обемно интервју, Трамп изјави дека Украина на крајот ќе мора да отстапи територија на Русија ако договорот не биде потпишан.
