Зеленски го откажа доаѓањето во Давос поради нови руски напади врз Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го откажа учеството на Светскиот економски форум во Давос поради засилените руски напади и прекините на струја во Киев, додека американски и руски претставници одржаа разговори за можен мир.

Американски и руски претставнци во Давос одржаа разговори за можен мировен процес во Украина, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски го откажа најавеното доаѓање поради нов бран руски напади и сериозни прекини во снабдувањето со електрична енергија во Киев.

Двочасовна „конструктивна“ средба меѓу САД и Русија

Претставнците на американскиот претседател Доналд Трамп и на рускиот претседател Владимир Путин одржаа двочасовна средба во Давос, посветена на можен иден мировен договор за завршување на војната во Украина.

Двете страни разговорите ги оценија како „позитивни“ и „конструктивни“, но без постигнување конкретни договори. Во исто време, Соединетите Американски Држави водат одделни консултации со Киев и со европските сојузници.

Рускиот изасланик Кирил Дмитриев изјави дека „сè повеќе луѓе ја разбираат руската позиција“, додека американскиот претставник Стив Виткоф оцени дека средбата била „многу добра“. Европските земји, пак, изразуваат загриженост дека Вашингтон би можел да побара од Украина територијални отстапки, што Киев категорично го отфрла.

Зеленски го откажа патувањето поради напади врз енергетската мрежа

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го откажа планираниот престој на Светскиот економски форум поради нови руски напади врз Украина. Како последица на ударите, голем дел од Киев повторно остана без струја и греење, а нуклеарната централа „Чернобил“ привремено остана без надворешно електрично напојување.

Украинското Министерство за енергетика соопшти дека, и покрај ноќните ракетни и дрон-напади насочени кон клучни енергетски јазли кои ја снабдуваат зоната на исклучување околу Чернобил, сите објекти во електраната вклучувајќи го Новиот безбедносен саркофаг и складиштата за истрошено нуклеарно гориво повторно се напојуваат од единствениот украински енергетски систем и функционираат според потребите.

„Нивото на зрачење на локацијата и во целата зона на исклучување останува во рамките на дозволените граници“, соопшти министерството.

Услов за евентуално доаѓање во Давос

Зеленски порача дека би ја променил одлуката за доаѓање во Давос само доколку документите за кои преговарале американските и украинските претставници бидат подготвени за потпишување.

Русија моментално контролира околу 19 проценти од територијата на Украина, вклучувајќи го полуостровот Крим, кој беше анектиран во 2014 година, како и поголемиот дел од источниот регион Донбас, значајни делови од Херсонската и Запорошката област и делови од уште четири региони.

Москва тврди дека Крим, Донбас, Херсон и Запорожје се дел од Русија. Украина тоа никогаш не го прифаќа, а речиси сите земји во светот овие територии ги сметаат за составен дел на Украина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни