Укринскиот претседател Володиимир Зеленски го отфрли денешниот предлог на рускиот претседател Владимир Путин да се стави Украина под привремена странска управа, под која би се одржале избори во земјата, како барање за причина за да не се заврши војната.
„Тој се плаши од преговори со Украина. Тој се плаши од преговори со мене лично, а со исклучувањето на украинската влада, тој сугерира дека Украина за него не е независен актер“, изјави Зеленски за новинарите.
Путин изутринава изјави дека Зеленски, чиј мандат истекол минатата година, нема легитимитет да потпише мировен договор со Русија и дека тој документ може да биде оспорен од наследниците на сегашната украинска влада. Според Уставот на Украина, парламентарните избори не можат да се одржат додека трае вонредната состојба.
„Под покровителство на Обединетите нации, со САД, дури и со европските земји и секако, со нашите партнери и пријатели, можеме да разговараме за можноста за воведување привремена управа во Украина. Тоа ќе и овозможи на Украина да одржи демократски избори и да донесе одржлива влада која ќе има доверба од народот, а потоа да започне преговори за мировен договор“, изјави Путин.
Путин го изнесе овој предлог непосредно по завршувањето на самитот во Париз, каде што беа разгледувани плановите за распоредување на западни сили во Украина за обезбедување на спроведување на евентуален мировен договор. Поголемиот дел од учесниците не го прифатија овој предлог на Франција и Велика Британија.
Русија предупреди дека нема да прифати трупи од членки на НАТО во рамките на потенцијалните мировни сили.
Претседателот на Франција Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и другите учесници на вчерашниот самит ја обвинија Русија дека само се прави дека сака решение преку преговори, со оценка дека Москва „игра игри“ и „купи време“.
Зеленски денес го поздрави исходот од самитот во Париз, велејќи дека Европа „дефинитивно знае како да се брани“ и дека Киев заедно со европските сојузници „работи на обезбедување поголема безбедност за Украина и сите европски земји“, пренесува Асошиетед прес.
Русија и Украина постигнале начелен договор за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура, но не се согласуваат за времето на неговото стапување на сила.
Зеленски денес изјави за новинарите дека не е јасно како треба да се следи прекинот на огнот.
„Кој тоа потврдува? Кој ја следи?“, праша Зеленски и додаде дека САД соопштиле дека ќе одржат консултации со другите земји за нивната подготвеност за спроведување на надзор.