Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека разузнавачките извештаи укажуваат оти Русија се подготвува за нов воен удар, потег кој, според него, директно ги поткопува тековните дипломатски напори за деескалација.
„Знаеме дека Русите се подготвуваат за нов напад. Нашите разузнавачки служби ни доставуваат такви информации“, изјави Зеленски во своето вечерно обраќање, нагласувајќи дека партнерите во САД и Европа мора јасно да разберат дека ваквите дејствија „ја дискредитираат дипломатијата“.
Тој додаде дека нападите во услови на разговори испраќаат јасна порака дека Москва не е подготвена за вистински политички компромис.
Франција ветува дополнителна воена помош
Зеленски откри дека одделно разговарал по телефон со францускиот претседател Емануел Макрон, при што теми биле состојбата на фронтот, руските загуби и дипломатските процеси што следеа по неодамнешните состаноци во Абу Даби.
Украинскиот претседател најави дека Франција ќе ја засили воената поддршка за Украина, вклучувајќи испорака на воздухоплови и муниција.
„Оваа година ќе има дополнителни испораки на француски авиони, ракети за противвоздушна одбрана и авијациски бомби“, напиша Зеленски на социјалната мрежа X, додавајќи дека Париз ќе испрати и генератори за зајакнување на енергетската отпорност на земјата.
Тешка состојба во Киев
Осврнувајќи се на внатрешната ситуација, Зеленски истакна дека најтешка е состојбата во Киев, особено кога станува збор за снабдувањето со греење и електрична енергија, поради неодамнешните руски напади врз инфраструктурата.
„Дипломатијата мора да има тежина“
Говорејќи за паралелните дипломатски процеси во кои се вклучени САД и европските земји, Зеленски порача дека дипломатијата може да даде резултати само ако има реална тежина за луѓето на терен.
„Кога руските напади продолжуваат, кога ударите не запираат, на луѓето им е тешко да почувствуваат дека дипломатијата е конструктивна“, заклучи украинскиот претседател.
Извор: Anadolu Ajansi
