Карфиолот е богат со растителни влакна кои создаваат чувство на ситост, а притоа содржи многу малку калории. Само 25 калории на 100 грама го прават идеален избор за сите што сакаат да внесуваат помалку калории и да остварат калориски дефицит потребен за слабеење.
Оваа намирница има нежен вкус и може да се вклучи во многу јадења, па дури и да ги замени некои од најкалоричните состојки. Еве неколку начини како да го вклучите карфиолот во секојдневната исхрана:
Карфиол како „ориз“
Додека 100 грама варен бел ориз содржи околу 130 калории, иста количина карфиол има само 25. Насечкан на ситно, карфиолот визуелно потсетува на ориз и може да се употреби во разни јадења. Најдобро е кратко да се пропржи во тава наместо да се јаде суров, или да се помеша со вистински ориз за да се намали вкупната калориска вредност на оброкот.
Карфиол во пире од компири
Ако не сакате целосно да се откажете од пирето од компири, обидете се да додадете и карфиол. Варениот компир содржи околу 70 калории на 100 грама, па додавањето варен карфиол ќе ја намали калориската вредност. Ако го сакате вкусот на карфиол, може да направите и целосно пире од него. Единствено внимавајте со додатоците – измерете го путерот бидејќи 100 грама содржат дури 700 калории.
Карфиол во смути
Да, карфиолот може да биде дел и од вашето слатко смути. Смрзнатиот карфиол создава кремаста текстура слична на милкшејк, додава хранливи материи и е одлична нискокалориска замена за мраз или банана. 100 грама карфиол има три до четири пати помалку калории од банана, што го прави одличен избор за оние што внимаваат на калории.
Тесто за пица од карфиол
Карфиолот може да се искористи и за подготовка на тесто за пица. Доволно е да се измеша со малку рендано сирење и зачини, да се обликува кора и да се испече во рерна. Една порција ваква пица содржи околу 300 калории, што е значително помалку од класичната варијанта.
Карфиолот е едноставен, достапен и многу практичен избор за здрава и балансирана исхрана – особено кога целта е слабеење.