Зелен хуман град бара веднаш министерот за животна средина Изет Меџити најтранспарентно и јавно да ги сподели индормациите за сериозното загадување на водата во Крива Река предизвикано од рудникот Тораница.
Извештај од Државниот инспекторат за животна средина од вонреден надзор извршен на 24 март 2025 г.
Извештај од ангажираната независна лабораторија од страна на градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.
Градоначалникот на К. Паланка, Сашко Митковски побара Јавното обвинителство да постапи и да го гони сторителот според Кривичниот законик. Доколку е вистина дека според извештајот од ангажираната независна лабораторија се исполнуваат битијата на членовите 218, 219 и 233 од Кривичниот законик, одговорните лица од рудникот може да бидат казнети и со затвор од најмногу 10 години! Дури и да се бранат со небрежност – се предвидува максимална затворска казна до 3 години!
Тројцата инспектори од ДИЖС кои го вршеле вонредниот надзор не земале примероци за анализи, тоа значи дека не си ја извршиле својата должност, односно постапиле несовесно во службата или ја злоупотребиле службената должност и положбата за да го заштитат сторителот, што се кривични дела казниви со затвор и до 5 години!
Што знаеме до сега?
Државниот инспекторат во својата објава на ФБ безмалку папагалски ја повторува изјавата на сторителот – дека водата не е загадена, само е „заматена“. Никаде во изјавата нема информација дека ДИЖС ја прогласува водата за незагадена врз основа на извршена анализа на собрани примероци што им е обврска по Законот за инспекциски надзор, велат од Зелен хуман град.
Градоначалникот на К. Паланка ја ангажирал лабораторијата Технолаб за да изврши анализа на мостри од водата и тоа 1 ден по хаваријата. Во резултатите од таа анализа е утврдено 10 пати поголемо присуство на олово од дозволеното и стотици пати поголема концентрација на цијанид, фосфор и азот
Ниту извештајот од Државниот инспекторат за животна средина, ниту анализата од Технолаб не се јавно достапни
Со актуелната поставеност на Законот за животна средина, единствено е можна привремена забрана за вршење дејност во период од најмногу 30 дена. Во 2007 година мнозинството во Собранието го избришало членот 213 од Законот за животна средина според кој забраната за вршење дејност на правното лице можела да се изрече и за период од најмногу 3 години!
Со искористувањето на можноста за спогодба од Законот за животната средина, сторителот ја избегнува судската постапка, секако во согласност со закон и со тоа ја елиминира можноста од членот 96-б од Кривичниот закон, според кој судот има надлежност да изрече трајна забрана за вршење одделна дејност или престанок на правното лице доколку оцени дека постои опасност сторителот во иднина да го повтори делото.
ДИЖС во својата објава на ФБ известува дека правното лице БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип подружница Рудник Тораница, Крива Паланка потпишало спогодба со Државниот инспекторат за животна средина, со што според закон, му се овозможува глобата да биде намалена до половина од износот на пропишаниот минимум на глобата за прекршокот. Оттука, имајќи ги предвид и горенаведените аргументи, сторителот може да плати и мизерни 100 илјади денари за прекршокот и веднаш да продолжи да работи!
Имајќи предвид дека се работи за потенцијални кривични дела, бараме Министерството за внатрешни работи по службена должност да започне истрага и да покрене соодветни постапки вклучително против актуелни функционери ако коалицијата ВЛЕН-ВМРО која е моментално на власт сака да почне да наликува на администрација која навистина работи во корист на граѓаните, а не за лични интереси кои нас, обичните смртници, нѐ чинат животи!