Зелениот чај со години се смета за еден од најздравите напитоци во светот. Се поврзува со подобрување на метаболизмот, зајакнување на имунитетот, намалување на ризикот од срцеви заболувања и одредени видови рак, а често се користи и како поддршка при слабеење. Сепак, сè поголем број медицински истражувања укажуваат дека, како и кај сè друго, клучна е умереноста.
Според анализи објавени во медицинскиот магазинот GastroHep, прекумерната консумација на зелен чај може кај одредени лица да доведе до оштетување на црниот дроб. Професорот Стивен Малник, раководител на интерна медицина во Kaplan Medical Center и еден од авторите на истражувањето, посочува дека иако пазарот на зелен чај бележи огромен раст, ризиците сè уште не се доволно познати на пошироката јавност.
Зелениот чај се подготвува од листовите на растението Camellia sinensis и, за разлика од црниот чај, не се ферментира, што му овозможува да задржи високо ниво на антиоксиданси – особено катехини. Токму тие соединенија се сметаат за главниот носител на здравствените придобивки, но во одредени случаи можат да предизвикаат и несакани ефекти.
Истражувањата на израелски медицински тимови, вклучително и Clalit Health Service и Kaplan Medical Center, покажуваат дека кај мал број луѓе може да се појави состојба позната како HILI (Herbal-Induced Liver Injury) – оштетување на црниот дроб предизвикано од билни супстанции. Иако во светски рамки се регистрирани околу стотина случаи, состојбата може да биде сериозна и да доведе до акутна инсуфициенција на црниот дроб или долготрајни здравствени последици.
Дополнителен ризик претставува и фактот што дел од комерцијалните зелени чаеви се мешавина од билки од различни земји, кои понекогаш можат да содржат траги од тешки метали. Особено проблематични се концентрираните екстракти од зелен чај во капсули, за кои Националниот центар за комплементарна и интегративна медицина предупредува дека кај чувствителни лица можат да предизвикаат оштетување на црниот дроб.
Лекарите советуваат зелен чај да се консумира умерено, најчесто две до три шолји дневно, и да се избегнуваат суплементи без претходна консултација со здравствен професионалец, особено кај лица кои земаат лекови или имаат хронични заболувања.
Симптоми како болка во стомакот, пожолтување на кожата или очите и темна урина се јасен сигнал дека треба веднаш да се прекине со консумацијата и да се побара лекарска помош.
Зелениот чај останува здрав избор, но само кога се консумира со мера и информираност – затоа што дури и најпопуларните „природни“ напитоци не се без ризик ако се претера.
