По повод Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите лица (31 март) Здружението за поддршка на трансродови лица (С.Y.Д.) повикува државата да преземе неопходни мерки за целосна заштита на правата на трансродовите лица и нивна еднаква интеграција во општеството.
Овој ден, кој започна да се одбележува во 2009 година како иницијатива во чест на борбата на транс активистката Рејчел Крандл, потсетува дека трансродовите лица сè уште не уживаат еднакви права и слободи како останатите граѓани. На институционално и општествено ниво, тие сè уште се соочуваат со стигматизација, предрасуди, маргинализација и низа дискриминации, како и со институционализирани исклучувања поради својот родов идентитет.
Од здружението потсетуваат дека и покрај напредокот во законодавството, трансродовите лица сè уште се соочуваат со институционална и социјална дискриминација, стигматизација и маргинализација.
Клучни барања на транс заедницата
Здружението бара измена и олеснување на процесот за правно признавање на родовиот идентитет, со што ќе се овозможи:
- Вон-судска постапка за промена на родовиот маркер и име во личните документи.
- Признавање на трансродовите родители во матичните книги според нивниот родов идентитет.
- Можност за регистрација без назначување на род за небинарни лица.
- Вклучување на бегалци со трансродов идентитет во правниот процес за признавање на родот.
Во областа на здравството, здружението бара:
- Депсихијатризација на родовиот идентитет, согласно со меѓународните препораки на СЗО (ICD-11).
- Полно здравствено осигурување за сите процедури поврзани со родовата афирмација.
- Овозможување на трансродовите лица еднаков пристап до медицински услуги без дискриминација.
Здружението повикува на законски измени кои ќе гарантираат:
- Строга забрана на сите видови „конверзивни терапии“.
- Внесување на родовиот идентитет како заштитена категорија во Кодексот на медицинската етика.
- Криминализација на говорот на омраза со строги санкции за јавни и политички личности кои го поттикнуваат.
- Додавање на поимот „фемицид“ во Кривичниот законик и вклучување на „род“ како мотив за злосторства од омраза.
Во областа на образованието, здружението бара создавање на програми за борба против дискриминацијата и трансфобијата во училиштата, како и заштита на трансродовите лица во сферата на вработувањето преку специјални програми и финансиски додатоци за ранливи категории.
Остра реакција против трансфобични изјави
Здружението изрази загриженост поради неодамнешните трансфобични изјави од одредени феминистички групи, кои, наместо да бидат сојузници во борбата за родова еднаквост, ги засилуваат предрасудите и говорот на омраза кон трансродовите лица.
„Човековите права не се селективни, ниту пак поделени. Тие се единствени и неделиви. Затоа, секогаш кога се доведуваат во прашање, особено во време кога крајната десница и нетолеранцијата добиваат на сила, го загрозуваме и самото демократско уредување“, предупредуваат од здружението.
С.Y.Д. најавува дека ќе продолжи со активна борба за правата на трансродовите лица и ќе инсистира на законски измени кои ќе осигураат нивна целосна заштита и интеграција во сите општествени сфери.