2025 година донесе значајни научни достигнувања кои потенцијално можат да го трансформираат здравството за милиони луѓе ширум светот. Euronews Health ги анализираше најреномираните медицински списанија за да ги издвојат најперспективните, а понекогаш и неочекувани медицински пробиви, од генетски терапии и вакцини, до трансплантација на органи од животни.
Прво уредување на ДНК кај бебе за лекување ретка и смртоносна болест
Во февруари, бебе со ретко и често фатално генетско нарушување ја доби првата персонализирана CRISPR генетска терапија во светот. Научниците директно ги корегираа неисправните гени во неговиот црн дроб. Иако детето ќе мора да биде следено цел живот, терапијата значително ја намали потребата од лекови и драматично го подобри квалитетот на неговиот живот. Во ноември, мајката соопшти дека бебето почнало да оди и ги достигнува развојните фази. Истражувачите оценуваат дека ова е голем чекор напред за CRISPR технологијата и отвора врата за лекување на други генетски болести.
Напредок во mRNA вакцините
Вакцините базирани на mRNA технологија, кои станаа широко познати за време на пандемијата со ковид-19, продолжуваат да се развиваат. Во моментов, стотици клинички испитувања ги тестираат за грип, ХИВ, генетски болести, па дури и рак. Неколку студии веќе покажаа охрабрувачки резултати – особено истражувањата кои укажаа дека mRNA вакцините против ХИВ можат да предизвикаат создавање неутрализирачки антитела. Иако се потребни поголеми студии, научниците сметаат дека оваа технологија има огромен потенцијал.
Трансплантација на органи од свињи поблиску до реалност
Полето на ксенотрансплантација – пресадување органи меѓу различни видови – направи значаен напредок во 2025 година. За првпат, генетски модифициран црн дроб од свиња беше трансплантиран кај жив човек. Станува збор за 71-годишен пациент со тешко заболување на црниот дроб, кој преживеа 171 ден со органот, покажувајќи дека тој може да извршува основни функции. Научниците веруваат дека ова може да помогне во решавањето на хроничниот недостиг од донорски органи.
Човечко мозочно ткиво за проучување на деменција
Британски научници, за првпат во светот, користеа живо човечко мозочно ткиво за да ги следат раните фази на деменција. Здравите клетки, земени за време на други операции, беа изложени на токсичен протеин поврзан со Алцхајмерова болест – амилоид бета. Научниците во реално време следеле како овој протеин ги уништува врските меѓу мозочните клетки. Овој пристап може значително да помогне во развојот на ефикасни терапии за деменција, за која засега нема лек.
Лековите за слабеење покажуваат потенцијал и за други болести
Истражувањата покажаа дека популарните лекови за слабеење и дијабетес може да имаат корист и за други состојби, вклучувајќи зависности и психотични нарушувања како шизофренија. Научниците сметаат дека ефектите доаѓаат од намалувањето на воспалението, подобрувањето на протокот на крв и влијанието врз мозочните центри за награда и самоконтрола. Сепак, овие лекови не се решение за сè – студиите на Novo Nordisk покажаа дека семаглутидот нема ефект врз когнитивните функции кај лица со деменција или благи когнитивни нарушувања.