Отсуството на новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, од државните медиуми предизвика бројни шпекулации на социјалните мрежи, особено меѓу иранската дијаспора, за тоа дали тој е повреден – или дури дали е жив.
Засега информациите за неговата здравствена состојба се многу ограничени, пренесува Би-Би-Си.
Иранската државна телевизија го опиша како „ветеран од рамазанската војна“, но без дополнителни детали дали е повреден. Новинската агенција Ројтерс објави дека Хамнеи наводно се здобил со полесни повреди, повикувајќи се на неименуван ирански официјален извор.
Покрај неговиот татко, покојниот врховен лидер ајатолах Али Хамнеи, во американско-израелските напади загинале и мајката и сопругата на Моџтаба Хамнеи.
И покрај тоа што на 8 март беше избран за трет врховен лидер на Иран, тој досега не се појавил во јавноста, ниту пак има објавени снимки или фотографии од него во државните медиуми.
Врховниот лидер на Иран индиректно го избира Собранието на експерти – уставно тело со 88 членови кое е задолжено за избор и надзор на врховниот лидер.
Една од работите што привлече внимание во првата порака на Моџтаба Хамнеи е неговата изјава дека за изборот на функцијата дознал преку државната телевизија.
„За резултатот од гласањето на почитуваното Собрание на експерти дознав во исто време кога и вие – преку телевизијата на Исламската Република“, изјави Хамнеи во пораката што ја прочита водител на иранската државна телевизија.