„Здраво Млади“ е фестивал на независната сцена, полна со одлични музичари, со нова, свежа и квалитетна музика која не е жанровски ограничена. Годинава фестивалот се одржа на денот на Народното востание на македонскиот народ, 11 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје со 17 различни музички артисти од 6 земји од Европа. Вистинско изобилство од млади музички таленти. Фестивал од млади за млади.
На сцената во МКЦ во петокот настапија младата дарквејв артистка „Ата“ од Македонија, енергичните „Klotljudi“ од Србија, дрон/фолк артистот „Стој, после!“ од Македонија, панк-рок изведувачот „Dimish“ од Македонија, инди составот „Zanadu“ од Македонија, психоделичните „Vagina Corporation“ од Македонија, како и диџеите Пепи и Шабан. Програмата на МКЦ беше курирана од музичкиот колектив „Гола планина“ (издавачка куќа „Мртов коњ“).
Оваа година, МКЦ оствари и тесна соработка со Холандската амбасада во Скопје каде со нивна организациска и финансиска поддршка, како и поддршка од партнерите од европската мрежа ‘Liveurope’, се реализираше и музичката програма насловена како ‘Liveurope & NL’ селекција“.
Културата е скапа, некултурата е поскапа
-Оваа година сме на 3 стејџа во МКЦ, дансинг сала, клуб МКЦ и бифе МКЦ. Имаме 17 артисти од 6 различни држави, со акцент на Холандија. Годинава држава во фокус ни е Холандија. Имаме голема поддршка од амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Покрај музичката програма имаме и мурал, имаме мини саем на книги изложба, холандска храна и проекции на филмови од холандски кинематографери од минатиот век, во соработка со Кинотека на Македонија и AJ Museum од Амстердам. „Здраво млади“ е фестивал кој цело време расте, лута, се бара и најверојатно се наоѓа. Прв пат сме во октомври, сме биле во 5 различни други месеци, април, мај, јуни, август, септември, сега сме во октомври. Го шетаме фестивалот во МКЦ и околу МКЦ и оваа година сме тука. Упорни сме, не се откажуваме, го одржавме и во корона, во време на пандемија, го одржуваме и денес. И ќе го одржиме. Како што старите Еѓипќани рекле „Културата е скапа, некултурата е поскапа“. Оваа е многу битен настан за нас, Скопје и за Македонија – вели Владица Младеновски – Грга од МКЦ.
Веруваме во младите, тие ја имаат иднината
Како дел од соработката со Холандската амбасада, на еден од надворешните ѕидови на МКЦ е нацртан мурал од страна на најпознатитиот ротердамски артист, Јорен Јошуа, чија специјалност се духовити и апсурдни илустрации од секојдневниот живот.
-Веруваме во младите, бидејќи тие ја имаат иднината, тие се иднината. Затоа правиме се што можеме за да ја зголемиме нивната популарност и да им дадеме пат кон иднината. Како амбасада и како Холандија, ние ние сме повеќе од среќни кога ги подржуваме младите. Исто така веруваме дека културата и уметноста, не само што даваат слобода на изразување, туку и прават да се чувствуваш добро. Буквално ти го бојат животот – вели Узлем Џанел, амбасадорка на Кралството Холандија.
МКЦ им дава една совршена енергија на младите
Пред самиот настан зборуваме со дечките од холандскиот бенд „Velocity made good“ кои се за прв пат во Македонија и допатуваа од Србија каде имаат туреа.
– Нашиот бенд се вика Velocity made good и правиме електронска музика со физички инструменти, па рокенрол и електронска музика заедно. Многу сме возбудени со тоа што ќе се случува вечерва. Настанот само што започна и одлично е. Целиот објект им дава една совршена енергија на младите и сметам дека е многу важно да се ценат луѓето и градот. Сметам дека е важно овие објекти и фестивали да бидат добро организирани. И супер е тоа што сме повикани да свириме тука -вели Wyste Dijkstra, од „Velocity made good“.
Да се одржува фестивал за млади кој ја покрива независната сецна 14 години по ред е вистински предизвик, но и задоволството, велат луѓето кои стојат зад организацискиот дел. Нивната упорност не носи на јубилејно 15 то издание на „Здраво Млади“ кое со нетрпение го очекуваме.