Општина Куманово ја доби својата прва Повратна вендинг машина (ПВМ) за одложување отпад во 2023 година, и оттогаш досега голем број луѓе решија да ја користат, што придонесе за да се постават уште неколку вакви машини на неколку локации во општината.
Според податоците кои ги обезбеди Пакомак, жителите на Општина Куманово собрале и одложиле 247.218 парчиња шишиња и лименки преку ПВМ. Тоа го става Куманово помеѓу 10-те општини со најголем број на собрани парчиња отпад во земјата. Се работи за една од најголемите општини во земјата, која има голем еколошки потенцијал. Единствено што е потребно е само охрабрување и поттик, за уште повеќе луѓе да се приклучат на ваквата иницијатива.
Токму затоа и постојат „зелените поени“ кои Пакомак им ги дава на корисниците за успешно одложување на амбалажен отпад преку ПВМ. Поените се добиваат за секое одложено шише или лименка, а потоа преку разните опции на апликацијата ЕкоМак корисниците можат да одберат на што ќе ги потрошат: плаќање сметки, комунални трошоци, донации и слично. До овој момент на територијата на Куманово има регистрирано 1.193 корисници, но многу нови секојдневно се приклучуваат и почнуваат да ги користат придобивките од неа.
Поставувањето на Повратните вендинг машини е поддржано од Швајцарската амбасада во РСМ, кои заедно со Пакомак инвестираат во подобрување на отпадната инфраструктура и во зајакнувањето на еколошките практики во земјата.
Во целата приказна за Куманово вредно е да се напомене дека и самата Општина дава голем поттик за нејзините граѓани со тоа што ги финансира „зелените поени“, на тој начин зголемувајќи ја нивната вредност. Ова придонесува за поголем интерес од граѓаните и значително зголемување на бројот на корисници во однос на општините кои не ги финансираат поените.
„Вложувањето на напор, време и средства за подобрување на отпадната инфраструктура во Општина Куманово навистина вродува со плод. Тоа се забележува не само во почистата околина, туку и во нивото на свеста за еколошките теми, кое постојано расте. Благодарност до Пакомак, но и до граѓаните, кои покажуваат дека се подготвени и имаат волја да направат нешто добро за својата Општина“, изјави градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.
Но она што е вистински новитет е колаборацијата помеѓу локалната власт и приватниот сектор, бидејќи кога се работи за ПВМ, во Општина Куманово овие две работи функционираат заедно. Приватниот ланец маркети „ЕЛИДА“ досега со сопствени средства набави 2 ПВМ кои се поставени во нивните маркети, а во следните неколку месеци Пакомак ќе постави уште една машина. Ова е прв пример во земјата каде што маркетите се одлучуваат за ваков потег. Но уште повеќе, ова е потврда дека здружените сили секогаш носат и подобри резултати. Вистински пример на соработка помеѓу приватниот сектор и Општината!
„Како приватна компанија која е основана и делува примарно во Општина Куманово, свесни сме дека имаме моќна улога во заедницата. Силно веруваме во оваа иницијатива и ќе продолжиме да ја поддржуваме и во иднина, со вложување на средства и отстапување на просторот во маркети ЕЛИДА за повратните вендинг машини. Чисто Куманово е она што го сакаме“, изјави Елена Лалевска Илиев, основачка и управителка на ЕЛИДА Маркети од Куманово
За чиста и здрава животна средина е потребно малку, но потребно е сите да придонесеме заедно. Затоа, внимавајте каде го одложувате отпадот и осигурајте се дека тој ќе заврши на вистинското место, апелираат од Одделението за заштита на животната средина и природата од општина Куманово.