Граѓанската иницијатива „Здрава Котлина“ најави дека на 24 јануари ќе организира протест против аерозагадувањето во Струмица, со цел да се изврши јавен притисок врз институциите за преземање конкретни и ефикасни мерки за заштита на здравјето на граѓаните.
Според најавата, протестот ќе започне во 12:00 часот, а граѓаните ќе се соберат на раскрсницата кај ТЦ „Глобал“, од каде ќе се испрати порака дека правото на чист воздух не смее да биде жртвувано поради институционална неактивност.
Од „Здрава Котлина“ велат дека Струмица со години се соочува со сериозно загадување на воздухот, особено во зимскиот период, кога концентрациите на ПМ честички често ги надминуваат дозволените вредности. Тие предупредуваат дека ваквата состојба има директни последици врз здравјето на населението, особено кај децата, повозрасните лица и хронично болните.
Иницијативата посочува дека досегашните мерки од страна на локалните и централните власти се недоволни и дека проблемот не може да се решава со апели и краткорочни акции, туку со системски пристап и континуирани политики за намалување на загадувањето.
Организаторите ги повикуваат сите граѓани да се приклучат на протестот и на мирен начин да го искажат своето незадоволство и своето барање за чист воздух и подобри услови за живот.
