Здравје, природа и свесна потрошувачка: Кои се новите навики и трендови кај европските потрошувачи?

Европските потрошувачи сѐ повеќе се насочуваат кон здрав живот, одржливост и домашни навики. Истражување открива нови генерациски трендови што го менуваат секојдневието.

Здравјето и благосостојбата остануваат главен приоритет за европските потрошувачи. Околу 28% од нив преземаат континуирани чекори за поздрав живот, насочен кон ментално здравје, превенција од болести и физичка кондиција.

Според ново истражување на холандската компанија Innova, која се занимава со анализа на глобални пазарни трендови, сѐ поголем број Европејци развиваат свесни навики за потрошувачка – реупотреба на производи, пакувања и намалување на отпадот.

Студијата покажува дека едно од четири лица во Европа ги става здравјето и благосостојбата во фокусот, при што генерациските разлики играат значајна улога: младите се ориентирани кон фитнес, убавина и ментален баланс, додека постарите генерации се фокусираат на губење тежина и превенција од болести.

Спиењето е клучно – 66% од испитаниците велат дека имаат доволно сон, благодарение на самогрижа, вежбање и избалансирана исхрана. Кога станува збор за храна, најважни критериуми за потрошувачите се: свежина, нутритивна вредност, контролирани порции и намалено грицкање.

Сѐ повеќе луѓе ја менуваат исхраната според еколошки и социјални мотиви – од растителни диети до домашно одгледување на храна, компостирање и рециклирање. Околу 28% редовно повторно користат пакувања или производи.

Интересно е што 48% од испитаниците велат дека сакаат да се наградат себеси секојдневно со мали моменти на среќа, најчесто во кругот на семејството. За младите од 18 до 34 години, дома и природата стануваат сѐ попопуларни локации за дружење, што е поврзано со финансиска рационалност, според студијата.

Наместо излегувања во барови и клубови, младите Европејци се повеќе ја заменуваат ноќната сцена со здрави навики, дружење дома, семејни оброци и активности на отворено.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни