Зборувај за Скопје: Музика, слика, филм, уметност за 60 години од скопскиот земјотрес

60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје,  „Терапија / Terapija“ организира мултимедијален настан во знак на одбележување на 60 години од скопскиот земјотрес. Од 26-ти до 28 јули, во Музеј на град Скопје.

Настанот ќе обедини повеќе уметности: музика, слика, филм, визуелна уметност. А, секоја од нив, на уникатен начин ќе „зборува за нашето Скопје“. За метрополата некогаш и сега.

За Скопје во минатото и денеска. За патот понатаму.

Предвидена е изложба на тројца истакнати македонски уметници, музички дел, како и визуелизација на текстови од начинот на кои информирале медиумите во далечната ’63.

Настанот е поддржан од: Министерство за култура / Ministria e Kulturës, Delegation of the European Union, Skopje, Град Скопје.

…Скопје умре за десетина секунди и тоа со чудна смрт, стоејќи!  Ова во својата книга го напиша македонскиот новинар Јован Поповски кој како репортер за белградска Политика прв извести за катастрофалниот земјотрес.

Музејот на град Скопје е точка која обединува како објект кој останал да му пркоси на овој природен феномен, особено издвојувајќи го часовникот кој застанал на сатницата кога се случил земјотресот.

Скопје, 26 јули 1963 година, 5 часот и 17 минути.

Старата Железничка станица претставува комплексен и монументален објект, кој во 1963 година претрпел оштетувања од сериозни размери. Првобитниот објект на Железничката станица бил изграден во 1938-40 година, според проект изработен од архитектот Велимир Гавриловиќ.

Денеска, овој објект – Музеј на град Скопје е вистинско потсетување на скопскиот земјотрес. Освен автентично сочуваните фасади, останатиот дел има претрпено бројни измени во однос на првобитната состојба (изглед). Затоа, објектот денеска пред сѐ има мемориски карактер и е длабоко врежан во сеќавањата на старите скопјани – оние живи сведоци на катастрофата која ја разбуди светската солидарност.

60 години потоа, Музејот на град Скопје е една од најзначајните културни институтции во главниот град. Установа која обединува голем број на уметници, артисти, ученици, млади и повозрасни кои се информираат за различни аспекти од културното живеење во Скопје.

„Затоа, не случајно го избравме овој јавен простор за реализација на јавниот настан на Терапија: „Одбележување на 60 години од катастрофалниот скопски земјотрес“. Оваа точка, на 26 јули ќе обедини повеќе домашни уметници, артисти, културни работници, музичари и луѓе кои си го сакаат и познаваат Скопје“, велат од организацискиот одбор на Терапија.

Скопје, 26 јули 1963 година, 5 часот и 17 минути.

Скопјани од сон ги буди силен земјотрес кој во следните 20 секунди се претвора во страшна катастрофа…

9 степени по Меркалиевата скала (6,1 според Рихтеровата сеизмичка скала), 20 секунди, со помали потреси до 5 часот и 43 минути.

Со себе носи животи на 1 070 граѓани, од коишто 478 мажи, 430 жени и 162 деца.

Тоа утро, на 26 јуни, 1963, Скопје беше рането, неочекувано и подмолно нападнато но, не и победено!

Тоа и иднината го покажа!

За метрополата некогаш и сега.

За Скопје во минатото и денеска.

За патот понатаму…

Многумина ќе се спротистават на славењето на природна катастрофа, која земала многу животи и уништила илјадници домови, јавни објекти и установи. Но, ние ги истакнуваме вредностите кои се случија по оваа непогода во 1963 година, велат од „Терапија / Terapija“

Солидарноста, хуманоста, емпатијата како основни водилки, кои придонесоа Скопје повторно да се изгради и да стане метропола. Токму овие вредности очајно ни фалат денеска. Токму овие вредности недостасуваат на Скопје, на луѓето, на сите ентитети кои сакаат поубав град и поквалитетен живот.

Ајде да зборуваме за овие вредности!


ТЕРАПИЈА претставува платформа чија цел е креирање на простор за развој на независна културна и клупска сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни