„Зборуе Радио Скопје“ – 81 година Македонско радио со целодневна програма

Канал 103 и Cashmere Radio со заедничка програмска посвета по повод јубилејот на Македонското радио

Денес се навршуваат 81 година од основањето на Македонско радио, медиумот што првпат се огласи во етерот во 1944 година, за време на Второто заседание на АСНОМ. Историските зборови „Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје“, изговорени од Владо Малески, го означија почетокот на организираното радиодифузно дејствување на македонски јазик.

По повод овој значаен јубилеј, Канал 103 заедно со пријателите и соработниците реализира целодневна програмска посвета под наслов „Зборуе Радио Скопје“. Отворената програма има за цел да ја поврзе богатата радио-архива со современите експериментални практики и новите генерации автори, ставајќи акцент на разновидноста на гласови, формати и пристапи.

Во рамки на програмата се најавени настапи во живо на Член 16, alone in a crowded room и Александар Ордев, а во соработка со Радио МОФ и Моно-тон ќе биде направен пресек на македонските музички изданија објавени во текот на 2025 година.

Програмата започнува во 13 часот и ќе трае до полноќ. Покрај емитувањето на Канал 103, содржината ќе се пренесува и на Cashmere Radio од Берлин, во рамки на тековната соработка меѓу двете партнерски радија, како и во рамки на ФИЈУК, саемот на независно издаваштво.

Со оваа програмска посвета, Канал 103 ја продолжува традицијата на критичко, алтернативно и отворено радио, истовремено оддавајќи почит на институцијата која ја постави основата на македонскиот радиоефир.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни