Во вторникот загубив драг пријател по кратко боледување. Прерано и пребрзо си замина оставајќи зад себе сакана девојка, фамилија, безброј пријатели и недовршени планови. Иако го познавав уште од средно школо, вистински се спријателивме кога стана директор на Универзална Сала – една од културните институции на Град Скопје. Специфична по тоа што во негово време, како и сега, тоа беше институција без простор (сала), но со вработени и опрема на располагање. За неполните четири години кога раководеше со Универзална, Аврамчев направи многу солидна програма на отворено за Скопјани.
Сакајќи да се потсетам на проектите на кои што соработувавме, пробав да ги пребарам профилите на социјалните мрежи на Универзална Сала и видов дека целиот период од раководењето на Аврамчев е избришан, како да не се случил, а институцијата во тој период како да не постоела. Сите настани, фестивали, активности заминати во заборав, а не беа малку и беа и те како квалитетни. Обично би ги жалел уметниците за тоа што спомените за нивните дела некој ги уништил, но во случајов го жалев Филип за тоа што трагите од неговите најдобри години ги нема на местото каде што треба да бидат. Во една прилика ми раскажуваше за неговиот дедо кој бил раководител на фондот за обнова на Скопје по земјотресот и за личниот влог кој би сакал да го остави во градот по неговиот пример.
Гордоста на неговиот градски ангажман беше фестивалот на Светлината „Skopje Light Art District” кој што го започна во 2018 и со секое годишно издание стануваше сѐ подобар. Светлосната е релативно нова визуелна уметност и Аврамчев успеа да го стави Скопје на мапата ретки градови во светот со ваков фестивал, да овозможи локални уметници да работат со овој медиум, да се поврзат со други светлосни уметници од светот. Фестивалот на светлината обично се одржуваше за време на некој од есенските државни празници, а цели делови и патеки од градот беа светлосно аранжирани од светлосни уметници изложувајќи ги своите дела. Секоја година овој настан добиваше сѐ повеќе обележја на светски уметнички фестивал со волонтери, конкурси, работилници, награди… и имаше потенцијал да го направи Скопје светска дестинација за љубителите на ваква уметност. За жал, фестивалот го имаше своето последно издание во 2022 кога и новата градска менаџерка реши засекогаш да го откаже.

Една од неговите траги врз градот – Слоганот на третото издание на фестивалот беше „Градот зелен пак ќе никне“ и денес стои над паркот во Мичурин на бул. 3-та Мак. Ударна Бригада.
Еден од најактивните периоди за него беше кога целата земја мируваше – во текот на карантинскиот период од пандемијата во 2020, Универзална и МКЦ организираа 50+ музички и други настани низ скопските маала и од нив продуцираа програма во живо на социјалните мрежи. Со „Култура во Време на Корона“ 200+ невработени уметници добија можност да настапат за фер хонорар во период на криза кога сите нивни настапи беа откажани, а Аврамчев со неговиот тим работеа секојдневно без престан под дополнителен ризик од заболување, да ги овозможат тие настапи. За неполн месец во неверојатни услови се продуцираа повеќе настани, отколку во последниве неколку години од сите градски институции заедно.
Аврамчев е и еден од татковците на нашата титула „Европска Престолнина на Културата 2028“ како член на работното тело од 2018, а подоцна, со отворањето на канцеларијата на ЕПК во Катната Гаража Беко (сега веќе се разбира затворена) стана и нејзин раководител. Универзална Сала беше носител на процесот за апликација и Аврамчев беше одговорен за целата административна страна, покрај неговото членство во одлучувачките органи. Под негово раководство во оваа канцеларија се направија пар галерии со улична уметност, како и стратегијата за култура на Град Скопје до ЕПК 2028 кои се користеа во апликацијата со која во 2022 во Брисел Европската Комисија му ја додели титулата на Скопје.
Своите лични и партиски вредности успеа да ги наметне и во програмата на Универзална Сала, па така неколку години со градски пари се организираше „Фестивал на Алтернативна Уметност“ во Градски Парк секој 20-ти Април на меѓународниот ден за легализација на марихуаната. Како член на „Билка“ тој долги години работеше на нормализирањето на користењето и како личен избор и во медицински цели. Неговата пасија кон акустична музика исто така ја реализираше во првиот фестивал за акустична музика кој се одржуваше секое лето на некој од скопските отворени покриви со настапи на најпознатите македонски бендови и нивни акустични адаптации на нивните песни.
И меѓу сите овие проекти каде има личен свој белег, тој доследно ги реализира четирите изданија на „Бела Ноќ“ во својот мандат, безброј одбележувања на важни датуми за градот, европски проекти, промоции, настани… Во јавноста често долги години се поставува прашањето, секако поттикнато од востановениот скептицизам кон работата на државните институции, што работат вработените во Универзална кога салата не постои? Но, барем во годините кога Аврамчев беше таму, тоа беше една од најангажираните културни институции со многу активности и резултати, дури и во периодите кога сите останати седеа дома.
На изборите во 2021 кога неговата ЛДП во коалиција со ДОМ го поддржа Бени Шаќири за Градоначалник, Аврамчев имаше големи несогласувања со тогашното партиско раководство. Во вториот круг, иако нивниот кандидат испадна од трката, ЛДП одби да му даде поддршка на Шилегов во финишот, па Аврамчев беше можеби единствениот од неговата партија кој се одважи и повика да се гласа за него со што дополнително падна во немилост кај либералдемократите. Исправноста не неговите тогашни ставови ја гледаме секојдневно на улиците на Скопје веќе три и пол години.
Откако му заврши мандатот во Универзална, Аврамчев продолжи да работи со светлосна уметност користејќи ги ретките знаења и контакти за разни мапирања и светлосни инсталации по повод државни и градски празници. Но, во 2023 почна да се бави со уште едно ново поле на интерес – вештачката интелигенција, кога и го организираше првиот АИ самит во Скопје каде на едно место ги собираше пионерите на ова поле од целиот свет на разговори со локалните бизниси и ентузијасти. Сметаше дека вештачката интелигенција од корен ќе го промени светот. Двете изданија на самитот беа толку успешни што Аврамчев ја прошири франшизата и организираше АИ самит во Малага, Шпанија во 2024. Есенскиот самит во 2025 во Скопје требаше да биде досега најголемиот и најзначајниот и е вистинска штета што тој нема да го отвори.
А, сево ова е само мал дел од животните потфати на овој човек, бележени од некој кој не го познавал баш најдобро и најблиску. Неговите претходни политички и професионални ангажмани не се ни спомнати во овој текст, иако се бројни и за некои луѓе можеби и позначајни. Сѐ на сѐ, на Филип Аврамчев имаше причина човек да му завидува. Не само на професионалните успеси, туку и на патувањата и зајдисонцата што ги виде со неговата Катерина, екипата од 20-ина најдобри другари и другарки, фамилијата што го поддржуваше во сѐ што правеше и иднината што му претстоеше. Нека овој текст послужи како лек против заборавот кој упорно работи да нѐ проголта сите нас и сите наши дела. Вечна му слава.