Јазичната иницијатива „Зборци“ во саботата во дворот на студентскиот дом Гоце Делчев го организираше настанот „Зборотворба на годината“. Беа доделени наградите за трите најдобри зборови предложени за 2025, кои беа избрани од повеќечлена комисија од професионалци од различни дејности, но и беше организирана тематска дискусија за јазикот и за важноста на новите зборови и нивното интегрирање во сегашноста, на која учествуваа Тамара Ќупева од Институтот за македонска литература, Александра Гецовска од Институтот за македонски јазик, и Ѓорѓи Јолевски, актер од Македонскиот народен театар (МНТ).
„Процесот на одлучување почна пред отприлика два месеци, кога составивме една седумчлена комисија од професори, лингвисти и македонисти, но и практичари на македонскиот јазик, како што се уметниците. Добивме отприлика четиристотини зборови испратени по електронски пат, така што ни беше малку тешко да избереме избереме три од нив.“ – вели Игор Антов од ицицијативата и додава:
Најрво, комисијата извади десет зборови, па после од тие десет направивме потесна селекција на три, ам, и денес месечно можеме да ги даеме трите награди за трите најкреативни зборотворби. Првата награда е сто евра, втората педесет евра, а третата е симболичен подарок од организацијата „Зборци“.

Покрај прогласувањето на тројцата победници, како дел од настанот се одржа и концерт на македонски алтернативни изведувачи во контекст на афирмирањето на млади уметници кои се занимаваат со промоција на македонскиот јазик и негово одржување.
Студентскиот дом Гоце Делчев оваа сабота беше полн со посетители заинтересирани не само за иницијативата на „Зборци“ фокусирана на овој настан туку и на понатамошните планови врзани со грижата и негувањето на јазикот.

„ Нас ни е многу забавно тоа што може да комуницираме со некои нови термини, заради тоа што сметаме дека секој еден нов термин и еден нов збор отвара нови мисловни патеки. Тие мисловни патеки доколку зборот е добар и е вистинит за времето во кое што живееме, може да понуди развој, напредок и многу позитивни работи.” – додава Виктор Бучковски околу пристапот кој го имаат и односот кон зборообразувањето на кој се фокусирани.
Од организацијата велат и дека во годината кога се прославува 80 годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик, ова е нивниот подарок за јазикот. Тие ќе продолжат со активности и напори за доближување на зборообразувањето особено до младите, но и поддршката за континуирана грижа за јазикот кој не само што не е сиромашен, туку постојано се шири и надоградува.