Зборци ја организираат првата „Зборотворба на годината“ – роденденски подарок за македонскиот јазик

Здружението Зборци ја организира првата „Зборотворба на годината“, настан посветен на македонскиот јазик, креативноста и уметноста кој ќе се одржи на 13 септември (сабота) со почеток во 19:00 часот, во дворот пред студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.

Манифестацијата се одржува токму во годината кога Македонија ја прославува 80-годишнината од официјалната кодификација на македонскиот јазик. Така, „Зборотворба на годината“ претставува и симболичен роденденски подарок од Зборци за македонскиот јазик.

На настанот ќе бидат доделени три награди – за прво, второ и трето место во изборот за „Збор на годината“. На конкурсот беа пријавени повеќе од 400 зборови, а жири-комисија составена од професори, лектори, текстописци и поети ги одбра трите најкреативни. За крај, публиката на самата манифестација ќе го изгласа својот фаворит за „Збор на публиката“.

Настанот ќе започне во 19:00 часот со дискусија на тема „Македонскиот јазик – минато, сегашност и иднина“, на која панелисти ќе бидат Ѓорѓи Јолевски од Македонскиот народен театар, Тамара Ќупева од Институтот за македонска литература и Александра Гецовска од Институтот за македонски јазик.

По доделувањето на наградите, забавата ќе продолжи со настапите на МОЈРА, С.А.М, КЕМ и ДОУП КУЌАТА, млади и прогресивни македонски бендови кои ќе ја заокружат вечерта посветена на славење на нашиот јазик.

Од Зборци велат дека очекуваат оваа манифестација да постави темел на нова, јазично креативна динамика.

„Кога го формиравме Зборци, нашата идеја беше едноставна, да создадеме и промовираме нови зборови во македонскиот јазик. Со текот на времето сфативме дека тоа значи нешто многу подлабоко: создавање нови мисловни патеки и начини на изразување. Зборови како „Југосапиенс“, кој ја носи носталгијата на една цела генерација, или „Разликоприфаќање“, кој говори за патот кон прифаќање на различноста, покажуваат дека јазикот има моќ да отвора нови хоризонти. Јазикот е наша татковина и наше огледало, а преку новите зборови имаме можност да ја пишуваме историјата на иднината. Со „Зборотворба на годината“ сакаме да ги отвориме токму тие патеки и да ја ослободиме креативната сила на нашиот јазик,“ велат основачите на Зборци.

Зборци се формираа како група на млади „зборољубители“ на македонскиот јазик, со идеја за создавање и промовирање нови зборови кои ќе го збогатат секојдневниот говор. Со текот на времето, иницијативата прерасна во здружение кое се стреми да го афирмира македонскиот јазик и неговата разновидност, од современи неологизми до богатството на нашите дијалекти. Досега Зборци ја реализираа серијата „Збор на неделата“, организираа јавни настани и дискусии, објавуваа видеа и собираа стотици предлози за нови зборови. Главната цел останува иста: јазикот да се доживува како жив, динамичен и креативен организам, кој ја носи иднината исто колку што го чува минатото.

„Нашата работа не е само создавање зборови, туку отворање на нови концепти. „Просторитет“, на пример, зборува за потребата од простор за достоинствен напредок; „Отклучок“ е спротивност на заклучок, неопходен за да ги ослободиме идеите и можностите; додека „Општоумност“ е визија за пошироко општествено разбирање. Овие зборови не се само јазични игри, тие се обиди да се понуди нова мисла и нова перспектива. Зборци постојано ќе се стремат да го афирмираат македонскиот јазик како жив, динамичен и креативен организам,“ додаваат основачите на Зборци.

Влезот за манифестацијата е слободен и отворен за сите посетители. Како прва манифестација од ваков вид во Македонија, „Зборотворба на годината“ ќе понуди единствена можност јазикот да се прослави преку културен дијалог, музика и креативност.

За изборот на зборовите оваа година се погрижи жири-комисија во состав:

  • Татјана Ефтимовска – лекторка и професорка по македонски јазик во гимназијата НОВА;

  • Ирина Јакимовска – професорка на Институтот за етнологија и антропологија;

  • Андријана Јанкова – истражувачка на Институтот за македонски јазик;

  • Бранислав Николов (Фолтин) – музичар, писател и поет;

  • Андреј Медиќ Лазаревски – поет и претставник на „Култура Бета“;

  • Игор Антов и Виктор Бучковски – претставници на Зборци.

Партнери и поддржувачи на манифестацијата се: Сава Пензиско, Алкалоид Скопје, Слободен печат и ИРЛ – Истражувачка репортерска лабораторија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни