Доколку сте уживале во топлото велигденско сонце, искористете ги последните часови, затоа што новата седмица носи сосема поинакво расположение.
Во периодот од 13 до 19 април, територијата на Македонија ќе биде под влијание на циклонска активност со центар над Џеновскиот залив. Токму таа циклонска активност ќе биде главниот виновник за нестабилното и променливо пролетно време во наредните денови.
Дожд, грмежи и ветер
Низ целата земја се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, кои местимично ќе бидат пообилни и проследени со грмежи. Дополнителен фактор ќе биде засилениот ветер од југоисточен правец — најизразен во Повардарието, особено во првите два дена од седмицата, во понеделник и вторник, 13 и 14 април.
Во Скопје и околината времето исто така ќе биде променливо со повремен локален дожд, услови за ретки грмежи и засилување на ветерот, повторно најмногу во понеделник и вторник.
Температури: Пролетта останува
И покрај нестабилното небо, температурите остануваат пријатно пролетни. Наутро ќе бидат позитивни — над нулата насекаде а преку денот ќе се искачуваат во интервалот од 16 до 22 степени. Во Скопје и околината максималните вредности ќе се движат до околу 22 степени.
Со еден збор: чадор во торба, јакна при рака и пролетта е сè уште тука.