Завршна изложба на 17-та Графичка работилница Софија: Над 60 графики изложени во Богданци

Во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци, свечено беше отворена изложбата со над 60 графички дела изработени за време на 17-тата по ред меѓународна графичка работилница „Софија“. Оваа значајна културна манифестација ги собра на едно место петнаесет студенти од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Македонија, кои под менторство на професорката Ива Ќуриќ од Хрватска, и асистенцијата на Вида Меиќ и Сања Жигиќ од Академијата во Нови Сад, создадоа дела во различни класични графички техники: висок печат, длабок печат, рамен печат и пропустен печат.

Оваа меѓународна работилница, која претставува единствена платформа за работа со сите класични графички техники, ги обедини младите уметници околу љубовта кон уметноста и црната боја. Токму таа ги инспирираше да создадат дела кои приредија неповторливо уметничко доживување за публиката. На присутните им се обратија Бранко Сапламаев, директор на Домот на културата „Бранд Петрушев“, и Ико Каров, а официјално изложбата беше отворена од претседателот на здружението, Виктор Семенпеев.

Во своето обраќање, Бранко Сапламаев истакна дека графичката работилница „Софија“ го презентира Богданци во неговото најдобро светло и ги охрабри присутните „да ги нахранат своите гладни очи со уметност“ и да уживаат во делата создадени во последните седум дена.

На самиот настан, атмосферата беше дополнително разиграна од маестралната музика на Влатко Сапламев, кој во духот на уметноста несебично ја поддржа изложбата, додавајќи со своите ноти уште поголема магија на вечерта.

Режисерот Ико Каров зборуваше за значењето на црната боја во графиката и уметноста, истакнувајќи дека „црната боја на печатницата Софија, на колонијата Софија означува среќа, пријателство и длабоко философско значење, како боја што ги содржи сите основни бои“.

Графичката работилница „Софија“, основана во 2008 година, е препознатлива како центар за творештво и размена на идеи меѓу младите графичари од регионот. Досега, преку оваа работилница поминале над 300 уметници, а во фондот на работилницата има околу 900 графички дела. Печатница „Софија“ од Богданци, основана пред повеќе од три децении, е докажан поддржувач на културата и уметноста во регионот, особено преку нејзината посветеност кон Графичката работилница „Софија“. Од самото основање на работилницата во 2008 година, Печатница „Софија“ игра централна улога во нејзиното функционирање, обезбедувајќи логистичка и финансиска поддршка, што овозможува континуиран развој и реализација на оваа значајна културна манифестација.

Во изминатитте дваесетина години, печатницата стана мецена на културните настани во Богданци и пошироко, што резултираше со учество на над 300 млади графичари од различни земји во работилницата. Ова не само што ја збогатува локалната уметничка сцена, туку ја промовира и културната размена меѓу уметниците од регионот.

Годинава, покрај долгогодишната поддршка од Печатница „Софија“ и од општина Богданци, Графичката работилница е потпомогната и од Министерството за култура и туризам на Македонија, што дополнително ја зацврстува нејзината важност како културна институција и платформа за размена на идеи и уметничко творештво.

Оваа изложба е кулминација на седумдневниот интензивен творечки процес и нуди уникатна можност за љубителите на уметноста да уживаат во делата на младите графичари, кои со своите вештини и инспирации создадоа дела кои ја слават современата графика и нејзините традиционални техники.

Најново

Последни колумни