Си беше еднаш едно парче земја кое многу сакаше да биде држава. Ветуваше многу, планираше, сонуваше, но наместо држава стана брод што тоне. Тоа е заклучокот по последната колективна траума која ја сведочиме како општество која нè остави без сон, без здив, а усмрти најмалку 59 луѓе. Кој ги уби, кој им го одзема животот? Одговорот е: корумпиран и одвратен систем кој нè дотурка до самото дно.
Никој нема да ги врати тие бесценети животи кои веќе ги нема, ама се прашувам дали ќе ни го врати нас еланот да се разбудиме воопшто после овој непребол? Што уште да се случи? Уште колку луѓе треба да загинат за да згрмиме? Уште колку смрт за да добиеме правда? Има ли некој да викне гласно, па да ја истури болката, да се заинаети и да го излее бесот наталожен низ годиниве? Каде сме?
Македонија е завиена во црно и ќе остане да биде таква. Нема веќе назад од црната боја, затоа што нема овде принципи, нема владеење на право, нема правила што се почитуваат, нема безбедност, нема мир, нема живот, нема слобода. Како млад човек кој секојдневно ја преиспитува одлуката за живеењето овде, сакав да се надевам дека мораме да се бориме против гнилото во општествово, ама денес ми е просто тешко да верувам во тоа. И надежта и вербата сепак се кршат во оваа состојба на мизерија. Ниту ми се пишува денес, ниту ми се јаде, ниту ми се зборува. Ме боли длабоко што ова не е прва трагедија што ја поминуваме, како да ја оставаме на времето, а потоа, ни се одбиваат од глава корупцијата, врските, лесните зделки… Ме болат тие сироти млади луѓе, ме боли што овде толку лесно се гледа низ прсти, ме боли што не се изборивме за нас и за сите кои веќе ги нема. Ме боли фактот каде и каков настан се организирал, ме боли тоа кој и колку замижал, ме боли како се злоупотребува темата. Многу ме боли и нема да престане, затоа што не знам каде одовде.
Тој простор против сите стандарди за организирање такви настани си постоел и пред ова. Уште колку други вакви потенцијални точки има низ земјава, кои се надвор од секоја контрола и правила, може само да се замисли. Ама не ми треба пропаст прво па потоа ветување за акција од институции кои и самите се дел од тој корумпиран систем. Жртвите се нижат, болката расте, правдата ја нема, која е поентата на реакција наместо превенција? За еден простор да се нарече дискотека, да ги исполни сите услови, да врши дејност и уште да има пиротехнички средства внатре – тоа не се малку прописи и процеси кои треба да се проверат и потврдат. Не се малку ни гадните замижувања значи, за проклет личен профит.
Сакам да затворам очи и да заспијам некогаш овде знаејќи дека сме безбедни. Наместо тоа, ми доаѓа да заплачам од очај, затоа што сме пикнати во дупка која не знам како ќе излеземе. Млад човек има многу надежи, ми велат, пред тебе е цел свет. Младиот човек во мојата земја не стигнува да ги реализира, затоа што го јадат пламените јазици на проклетата корупција. Тој исчезнува исто како и визиите за добар и хуман простор во кој ќе живееме. Не знам како ќе се опоравиме од ова, затоа што во колективната меморија ми се врежани сите други ужаси кои се случија во последно време. Дотогаш, ќе пишувам и ќе се расплачам понекогаш за да олесни за момент болката и лутината со која опстојуваме во оваа земја. Затоа што сум млад човек кој тотално е уморен и повреден од местото кое му е дом. Уште колку болка ќе истрпиме пред да испратиме порака дека е доста, дека ова во никој случај нема да го прифатиме?