Како што известува N1, студентите во Србија ги повикаа граѓаните на 1 ноември, точно во 11:52 часот, да застанат каде и да се и да оддадат 16 минути тишина во чест на 16-те жртви кои го загубија животот при уривањето на настрешницата на новосадската Железничка станица на 1 ноември 2024 година.
Повикот се шири преку социјалните мрежи, особено на Инстаграм, каде студентските организации и граѓанските иницијативи ги охрабруваат сите – без оглед на тоа каде се наоѓаат – да застанат и да испратат порака на солидарност и сеќавање.
„Застани каде и да си, и запомни зошто. За нив. За сите нас,“ стои во пораката на студентите, кои потсетуваат дека трагедијата не смее да биде заборавена.
Акцијата симболично започнува во 11:52 часот – истиот момент кога се случи несреќата – и трае 16 минути, по една минута за секоја од загубените животи.
Покрај Нови Сад, студентите најавуваат дека акцијата ќе биде одбележана и во други градови – Белград, Загреб, Виена, Прага, Атина, Валенсија и Берлин – како чин на тишина кој ги поврзува младите во заедничка порака: „Никогаш повеќе“.
Организаторите потсетуваат дека нивните барања до властите сè уште не се исполнети – тие бараат одговорност, увид во реконструкцијата на станицата и процесуирање на виновниците. Поради игнорантниот однос на институциите, студентите најавија и мирни протести и иницијативи за институционални промени, подвлекувајќи дека ова не е само сеќавање, туку и глас против заборавот и неказнивоста.
Извор: N1