Заштитата на културното наследство е можна само преку дигитализација на материјалите

Првиот дигитален архив на Хрватите во Македонија е скромен пример како може да се направи заштита на ,атеријалите без државен ангажман, сепак најголемата обврска припаѓа на државата и на институциите од културата.

Колекција разгледници од 1914 година до денес, ретки фотографии, првичните скици на фабриката „Тетекс“ Тетово, документирани посетите на Мирослав Крлежа во Македонија и уште многу вредни и интересни податоци може да се прочитаат на првиот дигитален архив на Хрватите во Македонија (www.arhivhr.mk), објавен минатата година во Тетово.  Покрај ова, во 2022 година беше објавена и информативната платформа на хрватски јазик во Македонија www.croatica.mk која е во склоп на процесот на дигитализција на хрватското културно наследство во Македонија. Дигиталниот Архив на Хрвати во Македонија е плод на работата на Македонско – хрватско друштво со седиште во Тетово, досега постигнатото пак, е резултат на формирањето на првото вакво друштво во Скопје во 1993 година од страна на македонски интелектуалци, професори и пратеници, чиј основач е Борис Трајковски, поранешен претстедател на Македонија.

Дигиталниот Архив на Хрвати во Македонија е несекојдневна база на податоци, која обезбедува едноставен и прегледен пристап до сите најважни информации помеѓу двете земји. Особено е погодна за вљубителите во историјата, истражувачите и едноставно – за љубопитните.

Паралелно со Архивот, во Скопје е објавена и дигиталната информативна платформа www.croatica.mk, која на дневно и неделно ниво известува за настани и личности меѓу двете држави, која поврзува, едуцира и информира.

„Особено со Архивот решивме да ја запреме една спирала на пропаѓање на културното наследство, пред сè на хрватското. Ние успеавме преку овој концепт (без разлика што го носи предзнакот „хрватски“) да откриеме многу работи кои се од сериозно историско и архивско значење за државата и народот тука“, потенцира Марко Видачек од МХД.

Преку обработка на над 300 научни трудови тие дошле до потврдена бројка од 100-тина Хрвати чиј придонес е неспорен и речиси револуционерен за македонската современа држава, но и во периодот претходно. Овие личности, помалку или повеќе познати, а дел и заборавени, неслушнати, се потврдени преку повеќе историски извори, фотографски, аудио, видео материјал, новинарски исечоци и др.

„Станува збор за дигитална и интерактивна платформа, „современ“ Архив на една група на луѓе кои оставаат траен печат во македонската историја, претставени преку 30-тина подрачја, како што се: културата, спортот, науката, филмот, МАНУ како македонска кровна научна институција… со посебен мултимедијален дел кој содржи фотографски, аудио и видео материјали, како и новинарски исечоци и извадоци од книги и списанија.

Она што е досега претставено е само прва фаза, некаква подготовка за понатамошниот ангажман. Во тек е изработка на монографија, прва од таков тип, која се занимава со хрватскиот придонес во Тетово и тетовско, носејќи работен наслов „Хрватите во Тетово и тетовско“, а опфаќајќи период од 1918 година, во која само во овој регион во овие околу 100 години се утврдени 150 Хрвати и хрватски семејства, кои тука живееле и/или работеле, а во секој случај – дале придонес кон градот и околината. Оваа монографија уште во подготовка, сега, има околу 300 страници, а располага со досега неоткриени фондови на материјали, новинарски написи, фотографии… Веруваме дека оваа монографија, чие издание ќе биде и дигитализирано и објавено на Архивот, ќе биде еден модус како да се заштити наследството, а не да се бараат изговори“, вели Видачек.

На прашањето кој беше иницијатор за оваа публикација, Видачек одговора: „Иницијатор за процесот на дигитализација беше помладата екипа на Македонско – хрватското друштво, на кои ни стана повеќе од јасно дека заштитата на културното наследство денеска во време на „онлајн“ опшество, во голема мера води преку дигитализацијата и самото обнародување на овие материјали. Ова секако не значи дека сме измислиле „топла вода“, но едноставно означивме еден пат кој бара континуитет и посветеност, во кој поставивме според нас, здрави основи за што посеопфатно истражување, анализирање и утврдување на македонско-хрватските настани и личности. Ако ништо друго, сега барем за историските врски помеѓу Македонија и Хрватска, за знаменити Хрвати кои работиле тука и оставиле траг, потребен е само еден „клик“. Ова секако претходно го немаше, а во иднина само ќе се надополнува и доградува.

„Важно е да се забележи дека ние не сме ниту државен архив, ниту пак некаква музејска институција за да можеме целосно да одговориме на големата потреба за заштита на хрватското културно наследство, но со еден скромен пример мислам дека покажавме како тоа може да се направи и без државен ангажман. Сепак, најголемата обврска припаѓа на државата и на институциите на системот на културата. Ова е само камче во мозаикот, можеби и незабележително, но од сите ќе зависи како ќе се пополни и како ќе изгледа.“- објаснува Видачек.

Понатаму истраживме на државно ниво како стојат работите со дигитализација на културното наследство. Дигитализацијата е многу важен и значаен процес за Република Македонија со оглед на богатото културно историско минато. Следејќи ги сите нови технолошки процеси, во 2008 година се отвора Регионалниот центар за дигитализација на културното наследство, со поддршка од УНЕСКО. Како податок до кој дојдовме за работата на овој Центар е дека динамиката која е предвидена за архивирање и дигитализција на годишно ниво е околу 70 000 документи годишно. До 2016 година дигитализирани се 340 000 документи од неколку национални установи.

Најголем број од  дигитализираниот материјал е од матичната установа за заштита на културното наследство, Националниот конзерваторски центар – Скопје. Дигитализирани се повеќе од 270 000 примероци на техничка, дескриптивна и фотодокументација на НКЦ, повеќе од 30 000 примероци од фондовите на Конзерваторскиот центар – Скопје, како и 37 000 примероци од документацијата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Сајтот niskn.gov.mk односно националниот информативен систем на културно наследство не е во функција и не може да се погледнат дигитализираните материјали.

Од друга страна,НУБ „Св. Климент Охридски“ во рамките на дигитализацијата на библиотечниот материјал, исто така, е задолжена на годишно ниво да дигитализира 10 000 примероци, и тоа ретки книги, ретки материјали, карти…

Невладината организација „Икомос“ е исто така активна и придонесува за унапредување на заштитата на недвижното културно наследство на национално и регионално ниво. Парцијално, сите институции на државно ниво се обидуваат да документираат и дигитализираат дел од нивната работа, меѓутоа сега засега немаат многу успех на тоа поле.

Море од информации, материјали, документи, артефакти, споменици, археолошки пронаоѓалишта се предизвикот со кој се соочуваат при дигитализација на целокупното културно историско наследство на Македонија, кое е со над две илјади годишна традиција. За  интензитетот на документирање и дигитализирање на наследството од 2016 година па наваму немаме податоци како и за тоа каде можат да се погледнат овие материјали. Кој е приоритетот при дигитализција на културно историското минато и од кое подрачје и период има најмногу материјали ќе ви пренесеме откако ќе ги добиеме одговорите од Управата за заштита на културно наследство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни